Викендов започнуваат возбудувањата од плеј-офот во ракометната Супер лига. Екипата на Охрид, која стартува без пренесени бодови од првиот дел од сезоната, во првото коло на гостински терен силите ќе ги одмери со Еурофарм Пелистер 2, кој стартува со 1 бод.
Капитенот на охриѓани, Крсте Андоновски, очекува тежок и неизвесен натпревар до самиот крај. Тој смета дека неговиот тим може да стигне до победа и први бодови во плеј-офот доколку ја повторат играта од подготвителните натпревари на кои имаа три победи и еден пораз.
„Втората екипа на Пелистер е навистина добра екипа, млада, полетна и се бори за секоја топка. Мислам дека ќе биде неизвесен и тежок натпревар. Се надевам дека ќе одиграме како што игравме на подготвителните натпревари и мислам дека со таква игра имаме шанса и можеме до победа. Атмосферата во тимот е одлична, мислам дека сме поквалитетни во споредба со првиот дел, имаме поголем ростер на бековските позиции, имавме успешни подготовки со квалитетни противници и мислам дека сме спремни за она што не очекува во плеј-офот. Новите играчи брзо се вклопија во нашиот систем на игра, мислам дека нема да имаме проблеми и се надевам дека ќе одиграме добри партии и ќе ја израдуваме охридската публика“, изјави Андоновски.
Тренерот на екипата, Горан Андоновски, вели дека првиот впечаток одновите засилувања е добар и се надева дека тие ќе имаат значајна улога во остварување на зацртаните цели.
„На полусезоната останавме без двајцата носители на играта, Тоше Ончев, кој имаше повреда, и Халил Озтурк, кој покажа еден некоректен однос кон клубот. Бевме во трка да најдеме соодветни замени, па така на нивно место во нашиот клуб пристигнаа Стефан Дрогришки, младиот репрезентативец на Турција, Ерај Каракоч, и секако најновото засилувања од Алжир, Абдерахим Будрали. Исто така во нашите редови пристигна и левото крило од Словенија, Гал Цирар. На првите четири подготвителни натпревари со Црвена Ѕвезда, Партизан, Куманово и Струга, Дрогришки, Каракоч и Цирар покажаа дека можат да се вклопат во системот на игра и дека ќе ја пополнат празнината во екипата. Новото засилување Будрали малку покасно и се приклучи на екипата и ќе му треба време да се навикне, но јас се надевам дека како што ќе поминува времето ќе биде значајно засилување во ротацијата“, изјави Андоновски.
Натпреварот помеѓу Еирофарм Пелистер 2 и Охрид се игра во сабота, 11 февруари, во спортската сала „Боро Чурлевски“ со почеток од 18:00 часот.