Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер го очекува седмиот натпревар од Лигата на Европа и гостување во Данска кај Скандерборг Архус.
Капитенот на битолчани, Мирко Радовиќ, вели
„Добро се подготвуваме, гледавме видео материјал за Архус, како и првиот натпревар во Битола. Се обидуваме да сигнализираме каде погрешивме. Се работи за најпријатно изненадување во првиот дел на сезоната, како во Европа, така и во домашното првенство, каде му зедоа „скалп“ на Алборг. Се работи за одлична екипа која игра брз ракомет, екипно се феноменални, имаат одлична контра и полуконтра. Одиме во Данска да дадеме сè од себе и да тргнеме добро годинава во Европа“, вели Радовиќ.
Битолчани два пати загубија во СЕХА лигата, но Радовиќ вели дека погледите се свртени кон Лигата на Европа.
„Тешко беше неделава, бидејќи ние неколкумина од Светско првенство директно дојдовме во Нови Сад, брзо потоа следеше и Нексе и тие натпревари добро ни дојдоа да се воиграме. Штета што не победивме барем еден натпревар од СЕХА лигата. Ќе пробаме тие два натпревари добро да ги искористиме и сега се вртиме на Европа и предизвикот кој ни следи“, заврши Радовиќ.
Натпреварот меѓу Скандерборг Архус и Еурофарм Пелистер се игра утре со почеток во 18:45 часот.