Измачување беше да се види како играч со 201 см, се обидува сам да си создаде позиција за шут, сегмент во кој нашиот Талески е во подредена улога, со недоволна килажа да издржи дуел и да упати заканувачки удар кон голот на Ревесберген или очајно се обидува да „протне“ топка на „црта“, што не е негова примарна улога во нападот. Филип Талески е играч кој несомнено може да шутне, но треба и мора да му се создаде ситуација, чиста ситуација од која ќе ја „отвори“ противничката зона.
Македонија го загуби и вториот натпревар на шампионатот во Полска и Шведска, овој пат во дуел со Холандија, убедливо со двоцифрена разлика. Пораз кој беше очекуван, имајќи предвид фазата и квалитетот со кој располага нашиот вчерашен противник, кој во моментов, имајќи предвид „минат труд“ на големите натпреварувања, има послаб рејтинг, но противник кој има оформен ростер, насока и патека по која чекори изминатите 6-7 години и противник со играчи кој играат во сериозни клубови и лиги. Сепак, начинот на кој се загуби (разликата исто така), во најмала рака, не е соодветен и не дава надеж за достигнување на нивото на нашата селекција во следните години. Србија и Германија во дербито на „Е“ групата одиграа натпревар од огромно значење за пласман во ¼ финалето, како примаран цел двете селекции на ова СП. Хрватска се врати на победничките патеки, со победа над аутсајдерот САД, додека Норвешка, како прв фаворит од нашата група со уште еден убедлив триумф над нашиот следен противник Аргентина се загреваше за дербито со Холандија.
Добредојдовте во мојата колумна ПРЕСИНГ, која за време на СП во Полска и Шведска „се емитува“ на специјализираниот портал, 24 Ракомет
НАПАДОТ И ОДБРАНАТА ВО „МРТВА ТРКА“ ОД АСПЕКТ КАДЕ ФУНКЦИОНИРАМЕ ПОЛОШО
Македонскиот национален тим убедливо беше поразен од Холандија, во второто коло од СП во Полска и Шведска, со резултат 24:34 и се доведе во ситуација, на последниот натпревар против Аргентина утре, да брка победа за пласман во следната фаза и дополнителни три натпревари на првенството. Пораз, кој во најмала рака беше очекуван, имајќи предвид во која фаза е противникот, оформен костур со искусни играчи на сите позиции, играчи кои играат на високо ниво, селекција која неколку години наназад на национално ниво форсира ракомет типичен за северот на Европа.
Сепак, начинот на кој се загуби овој натпревар, играта на двата дела од теренот е разочарувачка и не дава надеж дека можат да се остварат најавите дека македонскиот национален тим во иднина може да го задржи и надгради нивото кое го имаше последните 12-13 години.
Во „мртва трка“ на нашата одбранбена формација и нашиот напад, од аспект во кој дел функционираме полошо, тешко е човек да се одреди за еден сегмент и да констатира каде убедливо ги губиме натпреварите.
НАШАТА НЕПОТРЕБНО ДЛАБОКА ОДБРАНБЕНА ФОРМАЦИЈА НЕМАШЕ ШАНСА СО БРЗИТЕ ПРИТИВНИЧКИ ИГРАЧИ
Нашата одбранбена зона, без разлика на која формација ќе се одлучи селекторот Лазаров, едноставно не функцинира, без дуел игра и густина која е потребна во ситуација кога нашите централни бранители тешко добиваат дуел со противникот. 6-0 зоната, повторно (имајќи предвид карактеристиките на нашите играчи на позициите од 2 до 5) (пре)многу длабока, оставајќи простор за продор на брзите Стејнс и Смитс, пас на пивот, не давајќи им можност на нашите голмани да одбранат нешто надвор од 9 метри или од крилни позиции. Во таква констелација, секое развлекување на нашата зона од страна на Стејнс или Бајенс, го остававме Никола Маркоски на недозволиво (за негови услови) широк простор да се справува за физички и технички одлично подготвениот Каи Смитс, најдобриот стрелец на „лалиљата“. Во ситуација кога веќе ќе беше направен „вишок“, останатите наши играчи, особено Талески и Кузмановски, без чувство и фокус (веројатно изморени и исфрустрирани од се што се случуваше во нападот на нашиот тим) не ја даваа потребната поддршка, насочувајќи го нападот на шутеви од крило. Напротив, нашата зона „пукаше“ таму каде што треба да биде најсилна, на средината на истата. Дополнително, секое влегување на левото крило на противникот на „втор пивот“ ја дестабилизираше зоната и создаваше ситуациии за проигрување под позиција пет (кај Кузмановски) или простор кај двојката на повратна топка од Смитс и Стејнс. Македонија, дефинитивно мораше да игра поплитко, со „висината“ и слабата бочна подвижност на нашите централни играчи и да чека шанса со шутеви на противникот од позиции надвор од 9 метри. На овој начин, нашите можости и шанси за успех во овој дел од теренот видовме како завршија…
КОГА КУЗМАНОВСКИ „СОЛИРА“ И ТАЛЕСКИ Е ВО СИТУАЦИЈА САМ ДА СОЗДАВА ПРОСТОР ЗА ШУТ МАКЕДОНИЈА НЕМА ШТО ДА БАРА ПРОТИВ БИЛО КОЈ ПРТОВНИК НА ГОЛЕМО НАТПРЕВАРУВАЊЕ
Нападот на нашиот национален тим никогаш полош, конфузен и без јасна цел, која е слаба карика на зоната на Холандија и каде треба да се насочиме. Старата болка на овој состав, позиција централен бек, играч кој треба да спроведе се што е договорено со стручниот штаб, да даде насоки или да „крене рачна“ кога работите не одат во посакувана насока. Филип Кузмановски, не е централен бек од повеќе причини, но првенствено бидејќи нема доволен капацитет да ја намести играта, да одигра за нашиот единствен лев бек шутер Талески, нападне простор меѓу два играчи и да му создаде ситуација на Пешевски да „опеира“ во зоната и да добие повеќе употребливи топки. Измачување беше да се види како играч со 201 см, се обидува сам да си создаде позиција за шут, сегмент во кој нашиот Талески е во подредена улога, со недоволна килажа да издржи дуел и да упати заканувачки удар кон голот на Ревесберген или очајно се обидува да „протне“ топка на „црта“, што не е негова примарна улога во нападот. Филип Талески е играч кој несомнено може да шутне, но треба и мора да му се создаде ситуација, чиста ситуација од која ќе ја „отвори“ противничката зона. Напротив, нашите средни играчи, особено искусниот Кузмановски повеќе мислеше како да „помине еден на еден“ против физички подобро подготвените холанѓани, што дополнително го измори и на тој начин нашиот селектор го изгуби во два правци. Десната страна, комплетно отсечена, без иницијатива на физички инфериорниот Серафимов и без топки за еден од нашите најискусни играчи Георгиевски. Пешевски, иако прими неколку топки, генерално добро покриен, што создаде нервоза кај него и во обид да се доведе во поволна ситуација направи неколку „пробивања“ и доплнително го влоши впечатокот од тоа како функционираше нашиот напад. Нашата млада гарда на играчи, физички сеуште недоволо оформена за нивото на настанот, без искуство за тоа кога треба да се троши време на „играч помалку во поле“, избрзани шутеви и непотребни додавања на пивот не се снајде најдобро и „кумувше “ на создавањето на високата разлика, во ситуација кога Македонија, на почетокот на вториот дел се „врати во игра“ на подносливи -3.
Да резимираме, Макеоднија со вакво бледо издание на носителите на играта (на бековските позиции) Кузмановски и Талески (како последица на играта на првиот) нема што да бара на натпревар на едно големо натпреварување, имајќи предвид дека нашите најискусни играчи се тие на предна линија и голман, а тие се зависни од овие првите.
Покрај она што се случуваше на теренот, впечатлива е рашомонијадата од изјави на нашите репрезентативци, во однос на играта на нашата селекција, од „толку ни е квалитетот“, преку надменоста на одредени играчи и неоснованата самодоверба која е тотално непоткрепена со игра на терен, до анализата на трети кој и како треба да се заслужи дресот со националниот грб. Оваа ситуција не тера да размислуваме за психичката состојба на тимот, по убедливите порази во првите две кола. Сегмент кој, во ситуација на решавачки дуел со израмнет противник може да има клучна улога.
СРБИЈА ЗАГУБИ ВАЖЕН НАТПРЕВАР И БОДОВИ ЗА ПЛАСМАН ВО НАЈДОБРИТЕ ОСУМ, ХРВАТСКА ЗА КРАТКО ЈА СМИРИ „БУРАТА’ ОД РЕАКЦИИ НА ТАМОШНАТА ЈАВНОСТ
Селекцијата на Србија, иако силно мотивирана, како резултат на фрустрациите создадени од долгогодишните слаби резултати на големите натпреварувања и статусот кој го има ракометот во земјата на кошарката, ватерполото, па и одбојката, загуби важен натпревар против селекција која полека се враќа на големата сцена, Германија и во следната рунда ќе мора да „добие“ селекција од голем профил, како што е Норвешка, за да се надева на пласман во најдобрите осум селекции на ова СП. Очекувано, од тимот на Фуксе Берлин, тимот каде настапува популарниот Банда, првиот голман на српската репрезентација, не дадоа „зелено светло“ за негов настап ан вчерашниот натпревар, оставјќи го селекторот Тони Џерона со двајца голмани кои немаат капацитет да ја носат Србија до поскуваната цел. Очекуваме од утре Дејан Милосављев да се врати во составот на „орлите“ и да биде дополнителна вредност на тимот. Хрватска, по „бурата“ критики, псоле поразот од Египет и намалувањето на шансите за ¼ финале, убедливо ја декласираше селкцијата на САД, „купувајќи“ мир пред последното коло од „Г“ групата и дуелот со Мароко. Победата над африканскиот преставник не треба да биде доведена во прашање, но за „фаќање“ на возот кој носи до најдобрите осум во следната рунда ќе треба да се „добие“ големата Данска. Хрватскиот ракомет памети големи поздвизи и нема лесно да се предаде.
Фаворитот во нашата група, Норвешка, без поголеми проблеми го совлада нашиот следен противник, Аргентина и закажа дуел на две „суперсонични“ селекции во последното коло. Ако сакаат сигурен пласман и полесен пат до најдобрите осум, Сандер Сагосен и другарите ќе мора да ја победат Холандија.
Горан Ѓоргоноски,
Поранешен ракометен репрезентативец и основач и носител на проектот „Ракомет За Секое Дете“