Македонската ракометна репрезентација го запиша и вториот пораз на Мундијалот во Полска и Шведска.
Холандија на чело со Смитс и Стеинс беше нерешлива енигма за ракометарите на Кире Лазаров, доволно за уште еден убедлив пораз од 24-34.
Еден од најискуснте во оваа репрезентација, Дејан Манасков не го криеше разочарувањето по денешниот пораз од Холандија.
Не сум паметен, не знам што да кажам. Играме катастрофа. Тоа што го кажав пред натпреварот дека ако играме како против Норвешка ќе изгубиме 10 разлика, и тоа и се случи. Очигледно немаме квалитет за вакви натпревари. Вакви натпревари се играат со концентрација, со глава, со срце. Без мотивација и со изгубени глави не се играат вакви натпревари.
Повторно по високата негатива успеавме за момент колку толку да фатиме приклучок но исто како и со Норвешка за неколку минути се случи бродолом.
Истото ни се случи. Тоа е најголемиот проблем и немањето искуство во вакви натпревари. Одредени ракометари го немаат тоа искуство и затоа се случуваат вакви работи. Не знам што да кажам. Ќе смогнеме сили ако успееме да ја победиме Аргентина и да се пласираме во следниот круг достоинствено колку да се рече дека сме се пласирале тамо, а после со господ на помош тамо. -заврши разочарано Манасков.