Во вечерниот термин од денешната програма со натпреварите од групите Е, Х, Г и Ф беше комплетирано второто коло на Мундијалот во Полска и Шведска.
Нашето внимание беше насочено кон дуелот помеѓу Норвешка и Аргентина кој очекувано лесно го добија скандинавците и го обезбедија пласманот во следната фаза.Во останатите дуели Хрватска и Данска ја оправдаа фаворитската улога против САД и Бахреин, а дуелот помеѓу Катар и Алжир им припадна на Катарците кои стигнаа до својот прв триумф на Мундијалот.
Норвешка-Аргентина 32-21 (16-12)
Аргентинците преку Диего Симонет први го отворија овој дуел, а тоа беше и единственото водство кое го имаа на натпреварот. На спротивната страна врати Бартхолд, а Норвешка полека но сигурно преку расположените Род, Бартхолд и Сагосен лесно го пронаоѓаше патот до аргентинската мрежа. Веќе на средината од првиот дел скандинавците имаа солидна предност од три погодоци (10-7), но упорните Аргентинци не го изгубија компасот при првиот налет на Норвешка. Искусниот Диего Симонет ja поведе својата репрезентација во мини серија по која „гаучосите“ се доближија на гол негатива (10-9), a имаа и можност за израмнување која не ја искористија. Во продолжение норвежаните посериозно си ја сфатија работата па направија серија од 4-1 , со која повторно се одлепија на 14-10. Оваа предност ја задржаа до крајот на првото полувреме кое заврши со резултат 16-12.
Веќе на стартот на вториот дел Норвежаните го засилија темпото и ги решија дилемите за победникот на овој дуел. Веќе во 40.минута беше +8 (22-14), а скандинавите не застануваа па на десетина минути до крајот стигнаа и до двоцифрена разлика 27-16.Аргентина се обидуваше да се избори за попристоен пораз но тоа не беше воопшто лесно против расположените Норвежани кои броеја до 32 за конечни 32-21.
Најпрецизни во репрезентацијата на Норвешка беа Род со шест и Сагосен со пет гола.Кај Аргентина се истакна Диего Симонет со седум.
Останати резултати:
Хрватска-САД 40-22 (20-10)
Данска-Бахреин 36-21 (16-9)
Катар-Алжир 29-24 (13-11)