Разиграната Македонија му даде 23 гола на Израел за едно полувреме

Машката репрезентација на Македонија води на полувреме против Израел со 23-19 во последниот пријателски натпревар пред настапот на Светското првенство. Иако нашите ракометари водеа и со плус седум, на пауза заминаа со плус четири. Како и на мечот со Хрватска, одново гледаме брза игра на двете страни што резултира со многу постигнати погодоци.

На стартот избраниците на Кире Лазаров отворија со водство од 3-1, а таквата предност ја одржувавме десетина минута, пред Јагуриновски да зголеми на 7-4. Имавме и плус четири, 10-6, но Израел се врати на минус два, 11-9.

Со голот на Манасков, Македонија си ја врати предноста, 14-10, а Лазаров место Атанасијевиќ, Кузмановски, Јагуриновски и Пешевски, на терен ги внесе Младеновиќ, Ѓоргиев, Серафимов и Стојковиќ.

Токму Серафимов погоди два пати по ред, а изнуди и два пенали, па Македонија по петнаесетина минути водеше со плус седум, 18-11. Тоа го принуди израелскиот селектор Ѓукиќ да бара тајм-аут.

По неколку пропуштени прилики на Македонија, Израел намали на четири гола, 20-16. Беше и 21-17 со голот на Кузмановски, а потоа погоди и Георгиевски. Иако имавме шанса за повисока разлика, сепак на пауза се замина со плус четири, 23-19, откако Израел погоди во последните секунди.