Осум групи за осум истакнати тренери, сегашни и поранешни селектори. Славко Голужа е двократен олимписки првак, кој знае што значи златен медал од Светско првенство. Хрватскиот централен бек по успешната кариера заплови во тренерските води, а како селектор на Хрватска освои бронза на едно Европско, Светско првенство и Олимписките игри во Лондон. Како тренер имаше неколку мандати во составот на Загреб, го води хрватскиот првак и во моментов, а беше предводник на стручниот штаб на Татран Прешов. Славко Голужа за 24Ракомет ќе ја анализира групата Е.
Познати се два фаворити од оваа група за следната фаза тоа се Србија и Германија. Овие две репрезентации имаат поголемо искуство во однос на Катар и на Алжир. Играчите на овие селекции играат во најголемите лиги, во Бундес лигата, во Лигата на шампионите, барем еднаш неделно имаат силни натпревари, а тоа е голем хендикеп за Катар и Алжир. Не сум сигурен дека Катар и Алжир можат да направат изненадување, но двете селекции за разлика од порано играат многу подисциплинирано. Катар со доаѓањето на Ривера е едно ниво погоре, но, двете селекции немаат квалитет да се спротивстават на Германија и Србија.
🇩🇿 АЛЖИР 🇩🇿
Позитивно е дека почнаа да играат модерен ракомет за разлика од порано. Сега играат одбрана 6-0, повремено 5-1, претходно играа агресивни одбрани 4-2 и 3-3 со што многу се трошеа. Многу играчи играат во Европа, главен играч им е голманот кој порано бранеше и во Вардар, Калифа Гедбан тука е и десниот бек од Тулуз, Ајуб Абди. Играат подисциплинирано и побрзо од порано.
🇩🇪 ГЕРМАНИЈА 🇩🇪
Новина е што ја подмладија екипата. Најголема ѕвезда е Андреас Вулф, тука се уште Лукас Цербе, Филип Вебер, младиот Јури Кнор,…
Селекторот Алфред Гисласон гледа кон ЕП 2024 кога се домаќини. Најважно сега ги нема веќе главните играчи Генсхајмаер, Вајнхолд, Пекелер, Винцек,…Имаат млада репрезентација предводена од Вебер како среден бек, Хафнер на десен бек, младиот Кнор може да биде изненадување. Имаат силна лига и играат во силен ритам. За првото место во групата ќе се борат со Србија. Имаше ситуации кога Пекелер, Винцек не настапуваа на натпревари и сега е вистинското време е да се подмлади селекцијата. Но, што значи подмладување, овие играчи секој викенд играат силни натпревари и преку недела имаат уште еден во еврокуповите. Силната лига создава нови играчи.
🇶🇦 КАТАР 🇶🇦
Во минатото купуваа играчи. Во овој момент немам многу информации за Катар, таму е уште Капоте. Ривера работи по свое. Екипата е цело време тука, се е подредено на репрезентацијата. Играат 6-0 во одбрана и дисциплинирано. Но, се сомневам дека ќе успеат да ги изненадат Германија и Србија. Тие со Алжир ќе се борат за третото место во групата.
🇷🇸 СРБИЈА 🇷🇸
Со доаѓање на Тони Херона за селектор направија единство, еден тим, што претходно го немаа. Имаат можеби најдобар тандем голмани на ова Светско првенство, Цупара и Милосављев. Тука е пикерот Марсениќ, таму се страшни на таа позиција. Бековска линија имаат за респект Ѓорѓиќ, Кукиќ, Орбовиќ, Николиќ, спој на младост и искуство. Абутовиќ во одбраната е посебен. Шпанецот добро ги вклопи. На последното ЕП короната го направи своето, па сега ќе сакаат да се докажат. Шпанскиот систем нема да им биде предност, но сега имаат заедништво, што досега го немаа.
Прогноза меѓусебни дуели:
Мислам дека Алжир ќе биде пред Катар, на дуелот меѓу Германија и Србија нијанси ќе го решат победникот. Мислам сите фаворити сакаат да бидат меѓу осум, па потоа да имаат можност за настап во квалификациите за Олимписки игри. Тоа им е главна цел. На Србија и недостига искуство на турнирски систем. Германците се Германци, пред се дека секогаш имаат силни натпревари.
Фаворити за медали:
Тешко е да се каже, иако секогаш исти селекции се во завршницата: Шпанија, Франција, Данска, Шведска во последниот период се врати. Нијанси ќе решаваат, расположени голмани, поединец, тука се 7-8 репрезентации конкуренти за медали. На пример Египет се најде и на завршница на Олимписките игри. Секоја репрезентација треба да се респектира. Изненадување не би требало да има.