Денис Козлов е познат руски новинар, кој во својата богата кариера има работено во многу тамошни спортски медиуми. Во моментов е дел од реномираниот портал „Брз Центар“, проект на руската ракометна федерација. Козлов известувал од многу ракометни настани и големи натпреварувања, а специјално за 24Ракомет направи анализа пред стартот на СП во Полска и Шведска.
Светските првенства кај мажите долги години се разликуваа од женските шампионати во поглед на репрезентациите што стигнуваа до самата завршница. Кај дамите десетина различни национални тимови играа во полуфиналињата, а светски прваци стануваа и претставници од други континенти (Бразил, Јужна Кореја..) Но сега двата шампионати се „израмнија“, но не поради тоа што претендентите за врвот кај мажите се зголемија, туку поради тоа што се намалија кај дамите. Секаде е еднаква слика – Европа диктира, неколку очигледни фаворити, а бројот на сензации е лимитиран. Многу би сакал претставниците на Стариот Свет не само да го демонстираат фактот „сите научија да играат ракомет“, туку и да се борат за медали (Египќани нека ви е со среќа).
Фаворити традиционално се Франција, Шпанија, Данска…Претходно, Норвежаните секогаш беа вклучени во овој врв, но тие, очигледно, застанаа во развојот, никогаш не стигнаа до врвот. А нивното место го зазедоа Швеѓаните, кои се закитија со сребро од СП 2021, а пред една година земаа и медали од највисока вредност. Нема да ме изненади ако шведската репрезентација лесно ќе ги престигне сите конкурентни.
Главното разочарување мислам дека ќе бидат Словенците. Тие завршија на СП с вајлд-карта од ИХФ, откако беа поразени во двобојот со Србија. Во таква ситуација, не требаше да се смета на лесна ждрепка. Така и беше – им се паднаа Французите и Полјаците. Големи се шансите на словенечкиот тим да оди во следната рунда без бодови, со што практично се става крај на борбата за четвртфинале.
Македонската репрезентација се соочи со ситуацијата многу слична на онаа на женската репрезентација на Црна Гора. Легендата на локалниот и светскиот ракомет, која реално немаше време да ја заврши кариерата, веднаш стигнува до најпочесното селекторско место, водејќи го кормилото на националниот тим. И патеките се разделуваат. Ако Бојана Поповиќ на почетокот беше само активен поддржувач од страна и го покажа својот талент како тренер една година подоцна, тогаш Кирил Лазаров уште во првиот меч стана еден од креаторите на големата победа над данската репрезентација.
Но, рано е овој успех да му се препише на Лазаров. За длабоки заклучоци не е доволна победата над репрезентацијата на Чешка, која и донесе на Македонија билет за светскиот шампионат. За почеток прво треба да се положи тестот на големиот турнир.
Македонците истовремено имаа и немаа среќа со ждрепката. Од една страна, во групата Ф има само еден јасен фаворит и затоа постои опција да се оди во следната фаза, имајќи „багаж“ од бодови. Од друга страна, во квартетот нема очигледен аутсајдер, против кој може од старт да сметате на сигурни бодови.
Мојата прогноза – македонската репрезентација ќе се пласира во главната рунда, но без бодови. А конечното место ќе биде на крајот од втората десетка.
Франција – олимписките шампиони имаат можности да стигнат до полуфиналето на кое било големо натпреварување, дури и со проблеми во составот или неоптималната форма на лидерите.
Данска – за нив може да се каже истото како и за Французите, прилагодени за уште побрз ракомет. Ако штабот на репрезентацијата нема да се збуни со голманите, ставајки ги старите заслуги на Никлас Ландин над класата на помладите голмани, за едни од основоположниците на ракометот се ќе биде одлично.
Шпанија – стабилен состав, голема моќна клупа, одлични голмани. Повеќе од доволно за самоуверено пласирање во полуфинале.
Шведска – млада репрезентација, која веќе го трансформираше својот потенцијал во медали. И, уште поважно, скандинавците всушност имаат два изедначи состави. Останува само секој да се употреби на вистинскиот начин.
Србија – каков е тој турнир без сензација? Србите конечно ги оставаат настрана старите расправии и се фокусираат на работата. Кога тоа се случува, можеме да видиме репрезентација со невидена сила. Српската репрезентација одлично се снајде во квалификациите, совладувајки ги Словенците и ги има сите предиспозиции за одлична претстава на СП.