ГРУПА Х: Данска најголем фаворит, Тунис чека шанса од позадина

Во групата Х на 28-то Светско првенство во машка конкуренција ќе настап репрезентациите на Данска, Белгија, Бахреин и Тунис.

Актуелниот светски шампион, репрезентацијата на Данска е голем фаворит во оваа група и се очекува да има лесна задача.

Селекторот на Данска, Николај Јакобсен на трите натпревари ќе може да настапи со комбиниран состав, со цел да се сочуваат силите за втората фаза каде данската селекција ќе има поквалитетни ривали.

Тунис во однос на Белгија и Бахреин отскокнува со својот квалитет и земјата од Африка е фаворит за натпреварите против двете споменати селекции.

Дебитантот на СП, Белгија може да се надева на историски успех, влез во следната фаза, доколку оствари поволен резултат против Бахреин или направи изненадувања на натпреварите против Данска и Тунис.

🇩🇰 ДАНСКА 🇩🇰

Актуелниот светски првак Данска повторно има тим за освојување на првото место. Селекторот на Данска, Николај Јакобсен за СП ќе смета на 18 ракометари, меѓу кои има четворица што може да дебитираат на големо натпреварување – Симон Питлик и Лукас Јоргенсен од ГОГ Гудме, Мадс Хоксер од Алборг и Ласе Мелер од Фленсбург.

Тука се ѕвездите Хансен, Лауге, Ларсен, Гидсел, Ландин…па Данска сигурно ќе биде еден од главните фаворити за светската круна. Данска на последните два Мундијали ја освои шампионската титула, додека на Мундијалот во 2017, кој беше одржан во Франција, заврши на 10. позиција. Во својата колекција на медали има два златни, три сребрени и еден бронзен од големото натпреварување.

Селектор: Николај Јакобсен

Клучни играчи: Никлас Ладин (голман), Микел Хансен (лев бек), Расмус Лауге (среден бек)

🇧🇪 БЕЛГИЈА 🇧🇪

Репрезентацијата на Белгија билетот за настап на Мундијалот во Полска и Шведска го обезбеди, откако во квалификациите ја елиминираше Словачка. Иако беше предвидено да се игра бараж со Русија, поради суспензијата на руските ракометари директен пласман на СП обезбеди Белгија.

Поголемиот број од ракометарите на Белгија настапуваат во домашниот шампионат, а шест членови играат во Франција, односно во тимовите на Истр, Тулуз, Иври, Саран…Екс ракометарот на Металург, Арбер Керими, кој имаше краток престој во Автокоманда е дел од избраните играчи на селекторот Јерим Сила.

Селектор: Јерим Сила

Клучни играчи: Арбер Керими (среден бек), Дамиан Кедзиора (лево крило), Џеф Летенс (голман)

🇧🇭 БАХРЕИН 🇧🇭

За Бахреин настапот на Мундијалот во јануари ќе биде петто учество на големиот настан. Бахреин нема остварено забележителни резултати на Светското првенство и секогаш завршувал меѓу последните репрезентации, па така најдобриот успех за Бахреин е освоеното 20 место на Светското првенство 2019, кое се одржуваше во Германија и Данска.

Сепак, во последните неколку година има напредок во репрезентацијата од Азија. Бахреин на Олимписките игри во Токио ја освои 8. позиција, а на натпреварите против поквалитетните репрезентации, како Шведска и Португалија, беше блиску до освојување на барем бод, откако двата дуели ги одигра во егал. Скоро сите играчи во оваа репрезентација настапуваат во шампионатот на Бахреин.

Селектор: Арон Кристијансон

Клучни играчи: Хусаин Алсајад (среден бек), Али Салман (лев бек), Ахмед Фадул (десно крило)

🇹🇳 ТУНИС 🇹🇳

Репрезентацијата на Тунис е најголема закана за Данска во групата Х. Незгодната репрезентација од Африка од 1995 година е присутна на сите Мундијали. Тунис најголемиот успех на Мундијалите го има остварено во 2005 година кога на Светското првенство во Португалија играше за бронзениот медал, но на крај заврши на 4. позиција.

Тунис на претходното Светско првенство го оствари најлошиот резултат во својата историја, заврши на 25 место, додека две години претходно, односно на Мундијалот во 2019 имаше забележителен успех, откако заврши на 12. позиција. Во оваа репрезентација има неколку ракометари, кои настапуваат во Франција.

Селектор: Патрик Казал

Клучни играчи: Усама Буганми (десно крило), Џинед Џабала (пивот), Мохамед Дармул (среден бек)