Од следната сезона уште еден „новопечен репрезентативец“ ќе го облече дресот на Алкалоид. Дебитантот во Супер лигата и новиот ракометен проект на претседателот на РФМ, Живко Мукаетов каде тренер е селекторот на сениорите, Кирил Лазаров, продолжува со ангажирање на актуелните или идните репрезентативци. На списокот се придодава левучарот Давид Савревски.
Младиот бек кој настапува во екипата на Вардар е пред договор за трансфер со тимот од Автокоманда. Според информациите на 24Ракомет, Савревски веќе има конкретна понуда од Алкалоид, и сериозно размислува да ја прифати. Поканата да биде дел од репрезентацијата на подготвките во Маврово, само може да го забрза неговото согласување да го смени дресот.
Десниот бек потекнува од Илинден Вардар, каде што работеше со Александра Јанев, беше дел од младинските тимови на Вардар каде тренираше под палката на Андријана Будимир, пред да биде прекомандуван во Работнички и потоа во Вардар.
На Савревски летово му завршува договорот со Вардар, а тој сезонава добива поголема минутажа заедно со Куни Моралес. Левучарите се „скапоцен камен“ во ракометот, па затоа и Алкалоид веројатно побрза да го ангажира.
Откако повеќемина играчи од Алкалоид веќе се репрезентативци, од тимот продолжуваат да се засилуваат со играчи за кои сметаат дека се потенцијал и може да се вклопат во концепцијата на Лазаров. Од 23 ракометари кои се на скратениот список на репрезентацијата, седуммина имаат „син дрес“.
Од денеска почнаа подготовките за „операцијата СП 2023“ и тимот ќе се подготвува во Маврово каде ќе играат и две контролни средби со Црна Гора. На почетокот на јануари репрезентацијата гостува на турнир во Пореч каде ќе игра со Хрватска и Израел. Потоа се заминува на СП, и Македонија се наоѓа во група со Норвешка, Холандија и Аргентина.