Двајца нови кадети во комбинација за настап на турнирот во Германија

Селекторот на машката кадетска репрезентација на Македонија, Раде Стојановиќ дополнително повика уште двајца играчи, кои ќе бидат во комбинација за настап на турнирот „Шпаркасе Куп“ во Германија.

По дополнителниот повик за десниот бек на Голден Арт 2, Кристијан Стаменковиќ, десното крило на суперлигашот Куманово, Јован Даневски, како и кружниот напаѓач на Еурофарм Пелистер 2, Самоил Ристевски ќе им се придружат на кадетите пред настапот на силниот турнир на крајот на оваа година.

Даневски оваа сезона со својот тим за првпат игра во Суперлигата и на дел од натпреварите против поквалитетните тимови се покажа во солидно светло, додека Ристевски сѐ повеќе добива минутажа во вториот тим на „фармацевтите“.

Селекцијата на Македонија на „Шпаркасе Куп“ ќе игра во групата Б заедно со репрезентациите на Австрија, Холандија и Германија, а двете први места водат во полуфиналето на турнирот. Во групата А ќе бидат Сарланд, Египет, Исланд и Швајцарија.

Турнирот ќе се игра од 27 до 29 декември. Првите два дена се дуелите од групната фаза, додека на последниот ден ќе се играат натпревари за пласман.

Овие натпревари ќе бидат добра подготовка за кадетска репрезентација на Македонија, која ќе игра на Светското првенство во 2023 година во Хрватска.

 

Стојановиќ објави список – 20 ракометари во конкуренција за настап на турнирот во Германија