24Ракомет ви ги претставува учесниците на Светското првенство што ќе се одржи во Полска и Шведска
Ко-домаќинот Шведска ќе биде фаворит во групата Ц, бидејќи ќе биде домаќини на две селекции од Јужна и Централна Америка.
Стандардниот учесник и многу незгоден Бразил ќе игра против европскиот првак и ќе се обиде да му ги замрси сметките.
Покрај Бразил, тука се уште и селекциите на Уругвај и Зеленортските Острови, кои се предводени од екс тренерот на Вардар, Љубомир Обрадовиќ.
Шведска е веќе „видена“ на првото место, додека Бразил и Зеленортските Острови ќе бидат веројатно другите два патника во главна рунда.
Натпреварите од групата Ц ќе се играат во Гетеборг и нема сомнеж дека трибините ќе бидат исполнети до последно место.
🇸🇪 ШВЕДСКА 🇸🇪
Шведска е рангирана на второто место во екипниот пласман на сите времиња на Светското првенство, има по четири златни, сребрени и бронзени медали. Скандинавската селекција заедно со Германија учествувалe на 25 изданија на Мундијалите. Тие имаат и најголем број победи на Светските првенства. Се чини дека Шведска во последниот период ја најде вистинската формула, без огромни ѕвезди, но преку колективен пристап до освојување на трофеј. Таквиот пристап им донесе злато на Европското првенство во 2022 година. Селекторот на Шведска, Глен Солберг ќе може да смета на речиси сите играчи кои беа дел од шампионскиот тим на Европското првенство во Унгарија и Словачка. Во селекција се приклучи и искусниот голман Микаел Апелгрен.
Голманот Петар Јоханесен, кој беше дел од составот на континенталниот собир во јануари, отпадна од списокот, додека повратник во репрезентацијата е десниот бек од Нант, Линус Персон. Мундијалот поради повреда ќе го пропуштат Валтер Кринц и Јонатан Едвардсон.
Селектор: Глен Солберг
Клучни играчи: Јим Готфридсон (среден бек), Андреас Паличка (голман), Хампус Ване (лево крило)
🇺🇾 УРУГВАЈ 🇺🇾
Репрезентацијата на Уругвај на Мундијалот во Египет (2021) го имаше својот деби настап на едно големо натпреварување каде што успеа да обезбеди пласман во следната фаза, откако Зеленортските Острови се повлекоа од натпреварувањето. Овие две репрезентации повторно се најдоа во иста група, па ќе биде интересно да се проследи нивниот меѓусебен дуел, кој може да одлучува која од двете репрезентации ќе патува во следната фаза, со оглед на тоа дека Шведска и Бразил се апсолутни фаворити против Уругвај, односно Зеленортските Острови.
Уругвај на дебитанското натпреварување заврши на 24. позиција од вкупно 32 репрезентации, со учинок од пет порази и една победа (службена, 10:0 против Зеленортските Острови). Најголемиот дел од ракометарите на Уругвај настапуваат во домашниот шампионат, а селекцијата од Јужна Америка во својот тим го има младиот и талентиран ракометар Зион Рамос, кој настапува во Шведска, поточно во екипата на Малме. Клучни играчи во репрезентацијата се средниот бек Николас Фабра, левото крило Федерико Рубо и голманот Фелипе Гонзалез.
Селектор: Николас Абел Гера Филипини
Клучни играчи: Николас Фабра (среден бек), Федерико Рубо (лево крило), Фелипе Гонзалез (голман)
🇨🇻 ЗЕЛЕНОРТСКИТЕ ОСТРОВИ 🇨🇻
Зеленортските Острови својата шанса за пласман во следната фаза ќе ја бара токму во дуелот со Уругвај. Селекцијата од Африка, која на овој шампионат ќе биде предводена од познатиот тренер Љубомир Обрадовиќ, ќе го има своето второ учество на Мундијалот. Оваа репрезентација на Светското првенство во Египет на сред шампионат се повлече поради недостиг на играчки кадар. За потсетување, репрезентацијата на Зеленортските Острови во Египет допатува со речиси една постава, а таму неколку ракометари беа позитивни на Ковид 19, па така според правилникот за играње на натпревари на Светските првенства немаа доволно играчи за да ги одиграат останатите два дуели од групната фаза.
И покрај тој неуспех, кој не беше нивна вина, ракометарите на Зеленортските Острови беа решени да продолжат да се подобруваат и да ја покажат својата моќ на следните меѓународни натпревари. Во текот на 2021 година, искусниот Љубомир Обрадовиќ ја презеде тренерската функција. Поранешниот тренер на Вардар, кој во минатото работеше со машката репрезентација на Црна Гора и женската репрезентација на Србија, со Зеленортските Острови направи историски успех на Африканскиот шампионат каде го освоија второто место и обезбедија пласман на Мундијалот во јануари.
Во репрезентацијата на Зеленортските Острови има неколку квалитетни ракометари, кои што играат низ Европа како левиот бек Леандро Семедо и кружниот напаѓач Пауло Морено, кои настапуваат во актуелниот шампион од Лига на Европа, Бенфика, потоа левиот бек Едмилсон Араухо, кој настапува за Спортинг Лисабон, членот на бундеслигашот Бергишер, Иво Сантос и уште неколку квалитетни играчи од португалското првенство.
Селектор: Љубомир Обрадовиќ
Клучни играчи: Леандро Семедо (лев бек), Паоло Морено (пивот), Делсио Пиња (лево крило)
🇧🇷 БРАЗИЛ 🇧🇷
Селекцијата на Бразил учествува на секое издание на Светското првенство од 1995 година. Сепак, неговите резултати на Мундијалте не се импресивни, па така Бразил само еднаш во својата историја има обезбедено пласман меѓу најдобрите десет репрезентации на светот. Тоа беше на Светското првенство 2019, на кое ко-организатори беа Данска и Германија. Тогаш Бразил ја освои 9. позиција на Светското првенство.
Бразил на Мундијалот во јануари ќе пристигне со многу искусни играчи, како одбранбениот специјалист, левиот бек Дос Сантос Тијагуш Петруш, кој добива голема минутажа во каталонскиот гигант Барселона, крилата Рудолф Хакбарт и Фабио Чиуфа и централниот бек Жоао Силва, исто така, може да се пофалат со огромно искуство, што го прави Бразил незгоден тим за играње.
Колку ќе биде Бразил незгоден за Шведска, но и дали ќе ја оправда улогата на фаворит против Уругвај и Зеленортските Острови, останува да видиме. Мундијалот поради повреда може да го пропушти ракометарот на Вардар, Рожерио Мораеш, а левиот бек на Барселона, Ханиел Лангаро дефинитивно нема да може да им помогне на своите репрезентативни колеги на големото натпреварување.
Селектор: Маркус Оливиера
Клучни играчи: Тиагуш Дос Сантос (лев бек), Рожерио Мораес (пивот), Раул Нантес (лев бек)