Тимот на Висла Плоцк се израдува на триумф над големиот ривал Келце со 29-27 и сега ја има лидерската позиција на табелата пред возвратниот дуел напролет во Келце. Но овој меч изобилуваше со остри стартови на ракометарите на двете страни. Еден од нив предизвика сериозна повреда.
При еден напад на Келце, Хрватот Шушња стартуваше од зад грб над Сичко, овој се приземји многу лошо и удри со главата на паркет. Неговата состојба не беше стабилна и во неделата по мечот изјави дека не се сеќава на ништо.
Раководството на Келце излезе со соопштение дека ракометарот доживеал потрес на мозокот. Левиот бек изјави дека изгубил свест при падот и дека не се сеќава на моментот кога Шушња направи груб старт врз него.
„Не се сеќавам на ништо за тоа што се случи на теренот при мојот пад. Само по натпреварот се освестив во соблекувалната. Не се сеќавам на моментот кога го доживеав ударот. Откако заврши натпреварот, не сакав да го гледам тој момент и сигурно нема да сакам да го гледам во иднина. Моментално, ги чекам резултатите од томографијата, па после тоа ќе знаеме колку ќе треба да паузирам”, изјави Сичко кратко по мечот за полскиот медиум „Спорт ТВП“.
Освен за Келце, ова се лоши вести и за селекторот на Полска, Патрик Ромбел, кој веројатно нема да смета на Сичко за Мундијалот на кој ќе бидат домаќини.
„Неколку часа по повредата, здравјето на играчот почна да се влошува. Почна да чувствува силни болки, страда од амнезија и со сомнеж за внатрешно крварење беше хоспитализиран. Во моментов тој престојува во болница во Киелце, каде ќе му бидат извршени дополнителни тестови во следните неколку дена“, велат од клубот.