Висла го сруши Келце, избегнат инцидент! (ВИДЕО)

Тимот на Висла Плоцк се израдува на триумф над големиот ривал Келце со 29-27 и сега ја има лидерската позиција на табелата пред возвратниот дуел напролет во Келце.

„Светата војна“, термин што полската федерација го забрани да се употребува, и овјпат изобилуваше со остри стартови на ракометарите на двете страни. Еден од нив можеше да предизвика инцидент, какви што сме навикнале да гледаме на овие дуели.

При еден напад на Келце, Хрватот Шушња стартуваше од зад грб над Сичко, овој се приземји многу лошо и удри со главата на паркет. Судиите го исклучија Крајевски, кој исто така беше дел од стартот, но не беше толку остар за црвен картон.

Се разгореа страстите меѓу двете екипи, клупите се вмешаа, а најдебелиот крај го извлече Сичко, кој веројатно заработи потрес на мозокот и изјави дека не се сеќава на ништо. Потоа се смирија ракоеметарите и стручните штабови, па мечот можеше да продолжи.

Келце водеше во поголем дел од првото полувреме, но на пауза се замина со 15-15. Во вториот дел домаќинот најчесто ја имаше предноста, а во финишот пропушти и шанса да победи со три гола.

Јасно е дека меѓусебниот дуел на овие две екипи ќе решава за титулата во Полска, иако и двете екипи ќе имаат натпревари со сите други тимови од шампионатот напролет.