Екипата на Стружанка предводена од Магдалена Делиоска дојде до нова победа во Женската лига, откако на гостувањето во Прилеп кај Деспина без многу проблеми триумфираше со 26:16, во натпревар од 10. коло.
За Стружанка денешната победа беше шест триумф во новата натпреварувачка сезона и избраничките на Владимир Паноски се зацврстија на третото место во групата Б обезбедувајќи пласман во плеј-оф фазата.
Прилепчанки беа рамноправни до 2:2 во воведните минути и во останатиот дел поради кратката клупа немаа доволно сили за да можат да им парирааат на гостинките, кои во првите 30 минути не играа на ниво, но сепак, на пауза заминаа со активен резултат од 9:6.
Стружанка во продолжението заигра поангажирано во одбраната, се разигра Делиоска, која во вториот дел беше незапирлива, постигна осум погодоци и се одеше според договореното. Веќе при резултат од 20:10 за гостинките беше познат победникот на дуелот и последниот дел беше само формалност и лесна задача за мотивираните гостинки.
Магдалена Делиоска ја предводеше листата на стрелци во победничкиот табор со 11 погодоци. Кај Деспина се истакнаа Маја Ристеска и Магдалена Ѓорѓиоска со по четири реализации.