Ракометарките на Кузман Вардар го одиграа најдобриот натпревар во новата сезона, но останаа без бодови, откако во 9. коло од Женската лига беа поразени од Астибо со 31:27. Домаќинот даде голем отпор, но неискуството си го направи своето, па така ракометарките на Астибо си заминаа со цел плен.
Избраничките на Кузмановска влегоа мотивирано во дуелот, пружија одлична партија во првото полувреме и на моменти беа подобри од поискусниот противник, кој никако не можеше да го скрши отпорот на домаќинот и да се избори за поголема предност.
Неизвесно, но и многу нервозно се играше во финишот од првото полувреме кога домаќинките поведоа со 10:9. Астибо предводен од Анчева направи серија од 2:0, го презеде водството (11:10), но домашниот тим повторно израмни на 11:11. Гостинките од Штип иако имаа шанси да заминат со активен резултат на полувреме, сепак, на пауза беше 13:13.
На почетокот на вториот дел Астибо целосно ја презеде контролата, поведе со 17:14 и предноста од три гола разлика ја одржуваше неколку минути. При водство на Астибо од 21:19, Кузман Вардар израмни на 21:21 и речиси до крајот беше во игра за освојување на барем бод. По нерешените 25:25, гостинскиот тим со серија од 3:0 се одлепи на 28:25. Кузман Вардар не се предаваше, имаше шанса на намали и на еден гол негатива, но промашениот пенал ги уништи надежите за барем бод во денешниот дуел. Астибо без многу драма го приведе натпреварот кон крајот и ја запиша третата победа во новата натпреварувачка сезона.
Најефикасна во победничката екипа беше Марија Анчева со 13 гола. Во поразениот табор одлична беше Нина Милевска со 12 погодоци, додека Сандра Јовевска додаде седум гола во мрежата на гостинот.