Дебакл на Франција, Норвешка и Данска во скандинавско финале на ЕП!

Репрезентацијата на Норвешка е вториот финалист на Европското првенство 2022, откако во полуфиналето го совлада олимпискиот првак Франција, со резултат 28:20. Норвешка за златото ќе се бори против селекцијата на Данска, која денес во првото полуфинале беше подобра од Црна Гора.

Почетокот на натпреварот донесе израмнета борба на двете страни и главните стрелци од двата табора Офтедал и Заади, ги предводеа своите репрезентации во воведниот дел. На стартот на 8-та минута беше 3:3 и со два гола во низа, актуелниот европски првак се одлепи на 5:3. Добрата игра и во одбрана и во напад не беше гаранција за добар резултат на избраничките на Торир Хергиерсон, бидејќи олимпискиот првак не дозволуваше лесни погодоци во својата мрежа. Крумболц се обиде да внесе свежина во нападите, направи неколку ротации и кон средината на првото полувреме неговите ракометарки дојдоа до израмнување на резултатот, 6:6.

До крајот на првото полувреме се играше гол за гол, голманките Солберг и Дарле беа одлични меѓу стативите и главните виновници за нерешените 8:8 во 20 минута. Франција по долго време повторно поведе, имаше 9:8, потоа и 10:9, но не успеа да го сочува водството и да дојде до два гола разлика. Норвежанките во финишот од првите 30 минути ја презедоа предноста и на пауза заминаа со 12:11.

Норвешка за неколку минути игра во вториот дел дојде до дотогаш највисоките три гола разлика 17:14 и делуваше посигурно во нападите. Ракометарките на Крумболц за момент намалија на 17:16, но Мерк бргу погоди за 18:16 во 40 минута. Солберг беше клучниот фактор во норвешката репрезентација и во моментите кога се кршеше резултатот, успеваше да биде подобра во дуелите со упорните француски репрезентативки.

Норвешка не дозволуваше Франција да се врати во игра, одржуваше резултатска контрола од два до три гола разлика и во последните десет минути од натпреварот во „Стожице Арена“ влезе со предност од четири гола разлика, 23:19. Французинките не најдоа начин како да се вратат во потребниот ритам, па место да му парираат на противникот кој делуваше многу порасположено целосно паднаа во финишот и дозовлија Норвешка да оствари поубедлива победа.

Најефикасни во победничката репрезентација беа Нора Мерк со осум и Стине Офтедал со седум погодоци. Одлична на голот беше Силје Солберг, која ја откажа Франција и натпреварот го заврши со 15 интервенции. Во поразениот табор се истакна Грас Заади со пет гола, додека Клеопатра Дарле имаше осум интервенции.