Заврши црногорскиот сон за финале, Данска ќе се бори за злато!

Репрезентацијата на Данска е првиот патник во финалето на Европското првенство 2022, откако во полуфиналето против Црна Гора дојде до победа, со резултат 27:23. Црногорките иако покажаа квалитет, сепак, не можеа да се носат со брзите ракометарки на Данска, кои во најголемиот дел од натпреварот беа во резултатска предност. Данска последното финале на континенталните собири го одигра во 2004 година.

Црна Гора со голот на Радичевиќ го отвори натпреварот за водство од 1:0, а потоа избраничките на Јеспер Јенсен за неколку секунди израмнија на 1:1. Црногорките, кои имаа голема поддршка од трибините во „Стожице Арена“, при водство од 2:1 не реализираа два напади за зголемување на три гола разлика, па така Фрис со својот втор гол израмни на 2:2. Откако беше 3:3, следуваа три гола во низа на Црна Гора за највисоката предност од 6:3.

Данска сѐ потешко играше во нападот, но ниту ракометарките на Поповиќ не играа на ниво. Кризата во црногорскиот табор беше целосно искористена од скандинавската селекција, која кон средината на првиот дел направи комплетен пресврт, односно серија од 5:0 и поведе со 8:6.

Кризниот период на Црна Гора, во кој 10 минути беше без постигнат гол, го прекина Плетикосиќ за 8:7, но Данска бргу погоди за 9:7. Ракометарките на Данска во 20 минута дојдоа и до 11:7. Индивидуалниот квалитет на данските ракометарки сѐ почесто доаѓаше до израз и на пет минути пред крајот составот на Јенсен имаше 12:8. Црногорките заиграа поцврсто во одбраната, за момент намалија на 12:10, но Данска првиот дел го заврши со максималната предност од четири гола разлика, 14:10.

Со одличната игра на почетокот на вториот дел, селекцијата на Црна Гора направи серија од 4:0 и дојде до израмнување на резултатот, 14:14. Данките по бурниот почеток и добрата серија на црнгорските ракометарки, постигнаа два гола во низа и во 40 минута се одлепија на 16:14. Избраничките на Бојана Поповиќ во неколку наврати не успеаја да ја искористат ситуацијата со играч повеќе и дозволија Данска повторно да дојде до плус три, 17:14.

Мотивираните ракометарки на Данска во 48 минута имаа ,,безбедни” четири гола позитива 19:15 и тука беше јасно дека ракометарките на Црна Гора ќе имаат тежок предизвик во финишот од полуфиналниот дуел. Црна Гора тешко можеше да одговори на брзата транзиција на Данска и во последните десет минути не можеше да направи нешто повеќе.

Најефикасни во победничката екипа беа Ема Фрис со седум и Мие Холунд со шест погодоци. Кај Црна Гора најефикасни беа Ѓурѓина Јауковиќ и Итана Грбиќ со по седум реализации.

Данска во финалето ќе игра со подобриот од дуелот меѓу Франција и Норвешка, кој ќе се одигра во терминот од 20:30 часот.