Пролет ја продолжи победничката серија, Јуниор КВ издржа едно полувреме

Екипата на Пролет ја продолжи победничката серија во Суперлигата, откако славеше на гостински терен кај составот на Јуниор КВ со 34-25. Клучен беше стартот на вториот дел кога Пролет се одлепи резултатски, додека домашниот состав беше рамноправен, па дури и водеше со плус три во првиот дел.

Јуниор КВ тргна фуриозно и поведе со 7-4 на стартот, а Пролет во меѓувреме остана без десниот бек Доне Мајнов. Тој доби црвен картон поради приговор од судиите Андонов и Јовановски во 10. минута.

Тренерот на Пролет, Лембанов, мораше во игра да го внесе Јагуриновски, па нападот на гостите стана поопасен. Беше и 8-5, но домашниот тим влезе во „црна дупка“ и подолго време не можеше да постигне гол.

Пролет ги казнуваше сите грешки и направи комплетен пресврт. Поведе со 9-8, беше и 11-9, а до крајот на полувреме гостинските ракометари одржуваа предност од еден или два гола разлика, 16-14.

Веднаш на стартот на вториот дел погодија Пецаковски, Аларов и Јагуриновски за 19-15 и најавија дека се дојдени по трите бода. Јуниор КВ немаше многу решенија во нападот, нивната одбрана беше лесно пробивана и Пролет лесно стигна до 27-18 во 45 минута.

Тука веќе беше јасно дека победата ќе ја однесе фаворитот на овој натпревар и до крајот само рутински беше одржана и зголемувана разликата. Шанса за настап добија кадетските репрезентативци од Пролет – Тотиќ, Димковски и Стојановски.

Дејан Пецаковски беше стрелец на седум гола за Пролет, додека по шест пати погодија Јагуриновски и Џонов. Во составот на Јуниор КВ се истакнаа Филип Петровски со девет и Филип Николов со шест гола.