Црна Гора штедеше сили, Холандија брка пласман на СП

Селекцијата на Холандија ја продолжува трката по третото место во групата од главната рунда на ЕП, откако прослави убедлива победа против Црна Гора со 42-25.

Селекторката на Црна Гора, Бојана Поповиќ, реши на овој дуел да одмори дел од главните ракометарки (Раичевиќ, Радичевиќ, Рајчиќ), бидејќи беше јасно дека нејзината репрезентација не може погоре од второто место.

Сега Холандија ќе чека пораз на Шпанија од Франција, а доколку победат Шпанките, тогаш гол разликата ќе решава (меѓусебниот дуел заврши реми) за третото место во скопкската група. Тоа петто носи натпревар за директен пласман на СП 2023 година.

Сепак и без лидерите на терен, Црна Гора одржуваше резултатска рамнотежа дваесетина минути кога беше 11-10. Холандија малку го засили темпото успеа да стигне до плус три, 17-14 во 26 минута.

Оттогаш избраничките на Поповиќ до крајот на полувремето не постигнаа ниту еден гол, а тоа знаеја како да го казнат „лалињата“. Погодуваа Полман, Ван Дер Хејден, Смитс…и за кратко време беше 21-14. Сепак Јауковиќ погоди за 21-15 на паузата.

16.11.2022 MONTENEGRO vs NETHERLANDS

Во второто полувреме комплетно доминираа избраничките на Пер Јохансон, додека на спротивната страна Поповиќ експериментираше со составот и им даде шанса на оние ракометарки со помала минутажа.

Немаше никакви промени на силите на теренот, па „лалињата“ само рутински ја одржуваа, односно зголемуваа предноста до крајот.

Најдобри стрелци во победничката репрезентација беа Смитс со седум, како и Фрерикс и Ван Дер Хејден со по шест гола, додека голманката Тен Холте имаше 13 одбрани. Кај Црна Гора, Јауковиќ постигна десет погодоци.