Селекцијата на Романија не можеше за кратко време да се соземе по поразот од Црна Гора и загуби на последниот натпревар од главната рунда од Германија 32-28.
Германките по овој триумф, сега ќе навиваат за Црна Гора и Франција на средбите со Холаднија и Шпанија, како и за Данска или Шведска да одат во полуфиналето, за тие да го играат мечот за петто место, кое носи директен пласман на СП 2023 година.
Романките отворија одлично, со водство од 3-0, па беше и 6-3, но Неагу и колешките почнаа да грешат во нападот и дозволија ривалот да постигне седум голови по ред за комплетен пресврт, 10-6 по петнаесетина минути игра.
Базалиу, Пинтеа и Приставита ја вратија Романија во игра и намалија на 11-10, но Германија замина на пауза со плус два, 16-14.
На стартот на второто полувреме Германија поведе со 17-14, а Приставита во продолжение стрелаше за 17-16. Грозав погреши неколку пати, бундес тимот тоа го казни и се одлепи на плус четири, 24-20.
16.11.2022 ROMANIA vs GERMANY
Немаше многу шанси за камбек на Романија, Германките рутински ја одржуваа разликата, а откако и Неагу не успеа да погоди три пати, веќе беше јасно дека Романките со пораз ќе го завршат Европското првенство.
Хосу и Чиука комбинираа 14 одбрани за Романија, исто толку имаа и Германките Рох и Филтер. Најдобри стрелци во победничката селекција беа Штокшладер со десет и Гријселс со осум гола, додека кај Романија се истакнаа Неагу со седум и Грозав со шест погодоци.