Ракометарите на Голден Арт остварија важна победа во Суперлигата, откако славеа на гостувањето кај Скопје со 29-20. Гостите ја најавија победата уште по првиот дел, кога водеа со седум гола, а во вториот дел иако имаа кризен период, сепак на крајот се радуваа на трите бода.
Избраниците на Никола Матлиески отворија со водство од 3-1, но Скопје возврати за 7-7. Следуваше нова серија на Голден Арт за предност од три гола, 10-7, а клучниот период кон победата гостите го направија во финишот на полувремето.
По 12-10 за Голден Арт, екипата на Скопје влезе во серија грешки и во „црна дупка“ од шест минути без гол, па гостите казнуваа за високи плус седум на паузата, 17-10.
На стартот на второто полувреме, Ивица Илиев доби црвен картон поради груб старт, па Голден Арт мораше да продолжи без средниот бек. По водството од 19-13, Скопје се закани и намали на 19-16, а потоа и на 21-19.
Последната шанса за камбек во мечот Скопје ја пропушти во тој период и Голден Арт имаше плус седум на пет минути до крајот, 26-19. Веќе беше јасно дека нема време за нешто повеќе и гостите ќе ги освојат бодовите.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Дејан Гошевски со девет и Мице Шилегов со седум гола, додека кај Скопје се истакна Жарко Барјактаревиќ со шест реализации.