Прв ден, прва сензација: Словенија ја нокаутира фаворизираната Данска!

Селекцијата на Словенија успеа уште во првиот меч да приреди прва сензација на континенталниот собир и да ја совлада фаворизираната Данска со 28-26. Уште од стартот се виде дека Словенките се решени да одат на победа против скандинавскиот ривал и парираа одлично, а завршниот удар го направија во финишот на мечот.

Данска отвори со водство од 3-1, но еден од домаќините на ЕП – Словенија, набрзина се врати во егал преку Оморегие, 3-3. Избраничките на Драган Аџиќ беа опасни од десната страна, па Грос и Варагиќ донесоа прво словенечко водство, 8-6.

Тофт одбрани два удари на Словенките и Данска успеа да израмниа на 9-9, a се играше гол за гол до 13-13. Тогаш во серија погодија Јоргенсен и Остергард, па Данска се одлепи на плус два, 15-13. Грос намали на 15-14, а по грешката на данските репрезентативки, Словенките имаа шанса и за реми на паузата, но не успеаја да организираат напад.

Како што заврши првиот дел, така започна и второто полувреме. Мавсар и Грос израмнија на 16-16 и во продолжение ниту една од селекциите не успеа да се одлепи на повисоко водство.

Бранка Зец беше одлична на словенечкиот гол, но и Рејнхарт, која ја замени Тофт. Во последните петнаесетина минути искусните Мавсар и Грос ја одржуваа Словенија. Домаќинките поведоа со 20-19, 23-22, а екс вардарката успеа да донесе плус три, 26-23 на пет минути до крајот.

Данскиот селектор мораше да бара тајм-аут, но неговите избранички повторно грешеа во нападот, еден шут фати и Зец, па Мавсар беше прецизна на празен гол за 27-24. Петерсен намали од пенал, 27-25, но и Мавсар од истата позиција даде гол за нови плус три на две минути до крајот.

Веќе немаше време за Данска да направи нешто повеќе и Словенките се израдуваа на огромна победа на стартот на мечот. Најдобри стрелци во победничката селекција беа Грос со осум и Мавсар со седум гола, додека кај Данска се истакнаа Остергард со седум и Фрис со шест гола.