По ремито во Веспрем минатото коло, германскиот шампион Магдебург по втор пат загуби во Лигата на шампионите откако во 6.коло е поразен од Гог во Данска со резултат 33-32 (13-16). Бундеслигашот успеа да го скрши отпорот на домаќинот дури во финишот на првиот дел кој го заврши со „плус три“ на своето конто, разлика која на почетокот на второто бргу се истопи, а водечката улога ја презема домаќинот.Гог постојано имаше предност, но победата ја осигура во последните 10 секунди од натпреварот со голот на Мадсен за 33-32.
Гог имаше предност и иницијатива на почетокот на дуелот, пред полната Јуск Арена во Одензе. Трите гола предност за домаќините, која ја создадоа по првите три минути (4-1) игра, Магдебург ја анулираше во наредните пет минути. Точно на средина на првиот дел Магдебург го забележа првото водство, која го задржа до 27. минута. Со низа од три погодока Магдебург го заврши првиот дел со предност од три голови 13-16.
Гог имаше одличен старт на почетокот на вториот дел, за три минути ја надоместија негативата, а до 39. минута имаа и два гола предност (20-18). Домаќините ја одржуваа разликата до средината на второто полувреме, кога Германците повторно го изедначија резултатот. Неизвесноста продолжи и во финишот на натпреварот, Гог во брканицата на терен беше попрецизен па затоа имаше минимална предност која Магдебург до 55 минута ја стигна.
Во драматичен финиш домаќините влегоа со гол предност, а Магдебург имаше 15 секунди за израмнување на резултатот. По тајм-аутот бундеслигашот преку Каи Смитс успеа да реализира, но во преостанатите 5 секунди Мадсен возврати за големо слајве на домашните ракометари.
Најпрецизен во домашниот тим беше Мадсен со 8 голови, го следеа Расмусен со 7 и Олсен со 6 погодоци. Кај гостинскиот тим Кристијансон и Смитс постигнаа по 10 голови, а О’Саливен го заврши дуелот со 5 голови.
По шест одиграни кола во групата Б, Магдебург е на третата позиција со 7 поени исто колку и екипата на Гог.