„Од нас може да очекувате желба и борба, ако треба ќе се фрламе и на глава“

Ракометарите на Нексе Нашице се пласираа на Ф4 турнирот во СЕХА лигата, откако во четвртфиналниот дуел против Вардар беа по изведувањето на пенали со 32:30. Регуларниот дел на натпреварот заврши без победник 28:28 (12:15).

Тренерот на Нексе, Бранко Тамше изјави дека е задоволен од прикажаната игра на неговите избраници истакнувајќи дека и Вардар одиграл добар натпревар, но неговиот тим имал повеќе среќа во пенал рулетот.

„Сакам да им честитам на сите играчи во оваа голема битка до последната секунда. Ракометарите на Вардар веруваа до крајот во победата, а иста желба имавме и ние. Резултатски добро се држевме до 45 минута, а потоа Вардар фати приклучок. Тешко е да се игра тука во таква атмосфера. Седмерците одлучија, тоа секогаш е лотарија и нашиот голман фати два пенали. Штета што не може на Ф4 да одат Нексе и Вардар. Терминот е малку чуден, сите сме во подготовки, сите игравме и се подготвувавме. Имаме уште многу за доработување, Вардар знаеше како да не запре. Им посакувам се најдобро во сите натпреварувања, а на моите момци им давам два дена слободно и потоа подготовка за турнирот. Од Нексе во Задар можете да очекувате желба и борба, ќе се обидеме да се покажеме во најдобро светло. Што се однесува до нас, ако треба ќе се фрламе на глава на завршниот турнир“, изјави Тамше.

Искусниот ракометар од редовите на Нексе, десниот бек Иван Сршен имаше пофални зборови за атмосферата во СЦ „Јане Сандански“.

,,Честитки за Вардар на борбата, пеналите се лотарија, голманите може да излезат херои. Овојпат имавме многу среќа, нема тука филозофии, само мора фокус и добар шут. Среќата беше сега на наша страна и се радувам што ќе играме на Ф4 турнирот во Задар. Секоја чест за атмосферата, ова е тешка сала за играње”, изјави Сршен.

СЕХА: Нексе посреќен во пенал рулетот, преку Вардар на Ф4 во Задар