Хрватскиот вицепрвак Нексе Нашице со освоен трофеј на турнирот во Сараево доаѓа на мегдан на Вардар во четвртфиналето на СЕХА лигата.
Избраниците на Бранко Тамше вечерва славеа против составот на Горење Велење со 33-31 во финалниот натпревар. Претходно во фазата по групи славеа против Грачаница со 27-21, додека беа поразени од Извиѓач Љубушки со 31-27.
Нексе го победи на првиот пријателски натпревар Осијек со 39-19, а потоа славеше и на петте средби на мини-турнејата низ Словенија против Крка, Тримо Требње, Констанца, Шмартно и Словењ Градец.
Во девет меча, Нексе загуби само еднаш, па во одлична форма доаѓа во Скопје на мегдан на Вардар. Македонскиот тим, победи на две средби против Алкалоид и Бутел Скопје, а загуби од Целје и од Татран Прешов.
Натпреварот меѓу Вардар и Нексе се игра во вторник со почеток од 20:15 часот.