Организирање на првенства во младински конкуренции секогаш се посакувани особено од земји каде има услови за нивно одржување, а цените се поевтини во однос на другите. Така има можност за поголем профит. Истото се однесува и за РФМ. Во касата на нашиот сојуз би требало да остане одлична сума на пари.
Иако потајно се надевавме да бидеме во самиот светски врв во женска кадетска конкуренција, нашите ракометни надежи не може да бидат задоволни со 12. место. По трите победи во групната фаза (сите против не европски репрезентации) следуваше настап во разигрувањето, по што следуваа мечеви против европски репрезентации од каде освоивме само еден бод. Премалку за очекувањата.
И додека стручниот штаб ќе анализира каде потфрливме, дали е ова успех или не, дали и кој некаде ја утнал работат и што требаше да се подобри, од Ракометната федерација на Македонија сигурно ќе бидат задоволни и ќе ги тријат рацете. Сметката на РФМ ќе биде побогата за „сериозна сума“ која според некои пресметки би требало да биде од најмалку 200-300 илјади евра. Сумата дури може да биде и повисока, во зависност од договорот што го има направено домаќинот со хотелите и другите кооперанти и со надворешни агенциите со кои ќе соработува РФМ околу организирањето.
Ова би требало да биде ќарот, откако ќе се одбијат сите трошоци кои РФМ ги имале за организацијата. Првенствата за млади категории се секогаш посакуван настан бидејќи секоја репрезентација самата си ги плаќа трошоците за престој по сума што е определена од страна на ИХФ. Домаќинот не смее да наплаќа повеќе од таа сума, а во некои земји таа сума е многу повисока од цените што може да се договорат од домаќинот.
ИХФ одреди сума од 135 еврра по лице по ден што може да се наплати од учесниците. Сумите се уплаќаат кај ИХФ и тоа неколку седмици пред почеток на првенството. Секоја репрезентација има по 20-21 лице во официјалната делегација, а некои и повеќе. Ова СП беше со учество на 32 репрезентации. Тоа значи дека дневниот буџет на СП е околу 90.000 евра, а вкупно за целото СП над 1,1 милион евра. Се разбира нашите пресметки се на некои минимално ниво. И тука не се пресметани парите што би ги добиле од спонзори, од државата како поддршка за добра организација. Или пак со услуги за кои инаку би требало да платат.
Од оваа сума треба да се покријат пансионските трошоците за репрезентациите, локалниот превоз, трошоците за авионски билети за официјалните лица, сместување на официјалните лица, трошоци за користење на салите, анагажирање на лица…
Ако се има предвид дека сумата за хотелскиот престој и другите услуги од локален карактер што може да се договори е многу пониска, односно да се добие сериозен попуст тогаш и шансите за заработка се поголеми. Сите овие трошоци не би требало да бидат повеќе од 800.000 евра, што значи дека има добра сума што треба да остане во касата на РФМ.
Доколку некоја репрезентација дојде порано или замине подоцна од предвиденото, плаќа друга цена која ја одредува домаќинот. Истото е и ако имаат дополнителен број на членови во делегацијата за кои се плаќа „реална цена“, а не онаа пропишана од ИХФ. А таа реална цена е секогаш повисока. Сите дополнителни трошоци на репрезентациите си ги плаќа нивната федерација директно на сметка на организаторот.
А следната организација на младинско СП е во 2024 година, повторно во Македонија.