Сениорскиот, младинскиот и кадетскиот репрезентативец на Македонија, Александар Петковски, замина од Металург РА и во претстојната сезона ќе ги брани боите на новиот суперлигаш Алкалоид.
Иако раководството на Алкалоид го бараше уште минатото лето, а потоа и зимоска, сепак Петковски реши да ја одработи минатата сезона во дресот на Металург и Металург РА.
Десното крило има 18 години, веќе е дел и од сениорската репрезентација. Ова лето играше и на Медитеранските игри во Египет, на ЕХФ шампионатот во источниот сосед на Македонија, а ќе игра и на ЕХФ шампионатот во Летонија.
Петковски е шестото засилување за Алкалоид, откако претходно потпишаа голманот Благојче Трајкоски, пивотот Никола Маркоски, како и бековите Михајло Младеновиќ, Марко Митев и Едвин Омерагиќ.
Во стручниот штаб покрај Кире Лазаров и Билјана Црвенкоска, ќе биде и тренерот на голманите Јане Цветковски, како и кондицискиот тренер Петар Баснарков. Алкалоид се најде во групата А од Суперлигата и ќе игра против Вардар, Вардар Неготино, Куманово, Охрид, Струга, Прилеп и Бутел Скопје.