Европската ракометна федерација (ЕХФ) преку својата официјална страна објави дека ракометниот суд на европската ракометна куќа донесол одлука ракометните федерации на Норвешка и Словачка да бидат парично казнети.
Норвешката ракометна федерација поради неовластено објавување рекламни материјали за време на натпреварот од ЕХФ Евро Купот меѓу Норвешка и Македонија, кој бил одигран на 24 април оваа година во Бекестуа, заработи парична казна од 3.000 евра.
Сепак, бидејќи ракометната федерација на Норвешка по првпат направила прекршување од ваков вид на прекршок, 2.000 евра се изречени на условна основа, која автоматски ќе стапи на сила доколку федерацијата направи слична повреда во рок од една година, па така, норвешката ракометна федерација ќе плати само 1.000 евра.
Ракометната федерација на Словачка на натпреварот меѓу словачката женска репрезентација и Шпанија во рамки од квалификациите за настап на Европското првенство 2022, го направила истиот пропуст.
Натпреварот меѓу Словачка и Шпанија бил одигран на 20 април оваа година. Висината на паричната казна која ќе треба да ја плати ракометната федерација на Словачка не беше наведена во соопштението на ЕХФ.