Голманот од Велес, Виктор Гигов, кој со години „жари и пали“ по странство, ја продолжи соработката со грчки ПАОК. 43 годишниот голман и раководството на тимот од Солун се договорија на нова едногодишна соработка.
Гигов во ПАОК пристигна во сезона 2020/21 и покажа одлични партии во грчкиот шампионат. Со клубот на домашна сцена ја освоија 2. позиција во споменатата сезона, додека минатата сезона завршија на третото место во плеј-оф фазата.
„Поминав две години во ПАОК, среќен сум што нашата соработка ќе продолжи уште една сезона. Се надевам дека ќе успееме да постигнеме уште подобри и поголеми резултати во домашните натпреварувања и во Европа. Сакам да им се заблагодарам на челниците на клубот и на тренерот за дадената доверба “, изјави Гигов за официјалната страна на ПАОК.
Гигов претходно бранеше за Борец и Младост Богданци во Македонија, за хрватската Цриквеница, Короса од Јужна Кореја, исландскиот ИБВ, грчкиот Аполон Каламарија како и турските Мерсин, Кајсери и Селка.