Одличниот Додиќ не беше доволен, Србија испушти победа над Исланд

Репрезентацијата на Србија одигра нерешено против Исланд, 28:28, во рамки од првото коло од Европското младинско првенство во Португалија. Иако избраниците на Ѓорѓе Теодоровиќ имаа водство од 28:25, сепак младите „рибари“ со серија од 3:0 се изборија за голем бод.

Двете репрезентации имаа свои моменти на натпреварот. Исланд на полувреме замина со предност од плус три гола разлика, 18:15, додека во најголемиот дел од второто полувреме репрезентацијата на Србија беше во водство.

Одличен натпревар во дресот на Србија одигра Стефан Додиќ. Ракометарот кој можеби ќе остане во Вардар и во следната сезона, беше најефикасен во својата репрезентација со седум погодоци. Милош Кос и Лука Роган постигнаа по пет, односно четири погодоци во мрежата на Исланд.

Србија во групата Д за противници ги има и репрезентациите на Германија и Италија. Двете првопласирани селекции од секоја група ќе се пласираат во главната фаза, додека останатите селекции ќе продолжат да разигруваат за пласман од 9 до 16 место. Првопласираните селекции од главната фаза ќе обезбедат пласман во полуфиналето.