Спортскиот директор на белорускиот шампион Мешков Брест, Павел Башкин во интервју за рускиот „Брз Центар“ зборуваше за иднината на клубот, која беше неизвесна поради ситуацијата во Украина. Како што е веќе познато, Мешков Брест, исто како и сите останите клубови од Белорусија и Русија, доби суспензија од страна на ЕХФ за учество на европска сцена.
Челниците на клубот планираа квалитетен тим за следната сезона, ангажираа неколку звучни имиња, но развојот на настаните во Украина беше причина играчите да го откажат ангажманот во белорускиот клуб за следната сезона, а по конфликтот во Украина, сите странски ракометари го напуштија клубот од Брест.
Мешков Брест потпиша договори со неколку квалитетни играчи од тимот на Лазар Кукиќ, Сергеј Ернандез, Агустин Касадо, Гонзало Перез Арсе и Марин Јелиниќ, но сите ракометари не сакаат да играат во шампионот на Белорусија, дел од нив веќе имаат пронајдено нови клубови.
Башкин истакнува дека со сите засилувања за следната сезона, Мешков Брест ќе го имаше најсилниот состав во својата клупска историја и со новите засилувања ќе имаше можност за добри резултати во Лигата на шампионте.
„Со споменатите ракометари се потпишани официјални договори, но мора да се почека официјалната одлука на ЕХФ. Јасно е дека во оваа ситуација тие не сакаат да дојдат во Белорусија. Погледнете како играа Хернандез и Кукиќ во Лига на Европа, тие и помогнаа на Бенфика да ја освои титулата. Голманот, Сергеј Ернандез дури стана и МВП на Ф4 турнирот во Лига на Европа. Касадо на Европското првенство имаше добра партија, таму одличен впечаток остави и Јелиниќ. Дефинитивно овие играчи беа полн погодок за нашиот клуб, со нив ќе го имавме најсилниот состав во клупската историја“, изјави Башкин за „Брз Центар“.
Првиот човек на Мешков Брест истакнува дека буџетот на клубот е непроменет и се надева дека еден ден Лигата на шампионите ќе се вати во Брест.
„Немаме никакви проблеми со буџетот. Финансиската состојба во моментов е стабилна. Сега е тешко да се каже колку долго ќе трае нашето отсуство од европските натпреварувања, но мислам дека нивото на шампионатот на Белорусија и Русија значително ќе падне. Сепак, сè завршува во одреден момент. Еден ден Лигата на шампионите повторно ќе биде во Брест“, заврши Башкин за „Брз Центар“.