Пешевски: Ми беше чест да го носам дресот на Штутгарт!

Репрезентативецот на Македонија, Жарко Пешевски, на крајот од сезоната ја напушта Бундес лигата и во наредната сезона ќе го носи дресот на македонскиот вицешампион, Еурофарм Пелистер.

Пешевски преку изјава за официјалната клупска страна на неговиот актуелен клуб, Штутгарт, им се заблагодари на сите за поддршката во изминатите три години.

„За мене беше чест и задоволство да се носи дресот на Штутгарт во ова три сезони, да се биде дел од семејството што го претставува овој клуб. Секој поединец од клубот, соиграчите и фановите на клубот, секогаш ќе имаат свое место во моето срце. Му посакувам на клубот многу среќа во иднина“, изјави Пешевски.

Од раководството на Штутгарт имаа пофални зборови за ракометарот од Македонија.

„Не беше лесно да се донесе одлуката да не се продолжи договорот со Пешевски, не само од спортски, туку и од човечки аспект, бидејќи се работи за прекрасна личност. Сепак, донесовме одлука во иднина поголема шанса да им дадеме на младите играчи, односно на младиот пикер, Фин Николаус, за на тој начин да му овозможиме правилен развој во кариерата“, објавија од раководството на Штутгарт.

Кружниот напаѓач на македонската репрезентација во Штутгарт пристигна во текот на 2019 година од украинскиот шампион, Мотор Запорожје. Во наредните три сезони ќе го носи дресот на „фармацевтите“.