Ракометарите на Келце на незгодното гостување во Плоцк кај Висла не дозволија да има изненадување, одиграа реми, 20:20, со што ја одбранија титулата во домашниот шампионат, иако можеше многу лесно да ја загубат бидејќи во текот на второто полувреме беа во резултатска негатива од пет гола разлика, 16:11.
На полското дерби, судиите од Хрватска, Матија Губица и Борис Милошевиќ, доделија вкупно пет црвени картони. На самиот старт на натпреварот, односно по 35 секунди игра, црвен картон заработи левиот бек на Висла Плоцк, Мирсад Терзиќ поради удар во лицето на Алекс Душебаев.
Вториот црвен картон беше доделен во 14 минута откако Пжемислав Крајевски при изведувањето на пенал го погоди Андреас Вулф во лицето. Во 21 минута, ракометарот на Келце, Мигел Санчез мораше да се пресели на трибините, доби црвен картон поради удар во лицето на рускиот репрезентативец, Сергеј Косоротов.
На осум миниту пред крајот на првиот дел, црвен картон заработи и хрватскиот интернационалец во редовите на полскиот вицешампион, Леон Шушња, исто така поради удар во лице на противнички играч. Поради ист фаул, направен врз Сергеј Косоротов, црвен картон во 37 минута заработи членот на Келце, Томаш Гебала.
Вистинска војна во Полска со ПЕТ црвени картони: Келце го преживеа Плоцк и се радува на титула!