Екипата на Загреб поведе со 2:1 во победи, односно 4:2 во бодови во финалната серија со Нексе за шампион на Хрватска после триумфот во првиот дуел од плеј-офот со 31:26. Финалната серија се игра до шест освоени бода, а двете екипи имаат по два од регуларниот дел на сезоната.
Загреб имаше целосна контрола на играта и резултатот во текот на сите 60 минути. Поведоа домашните со 5:3 и 9:5. Со добар период и серија 4:0 Нексе успеа за момент да израмни, но на полувреме сепак имаше негатива од 16:15.
Во продолжението Загреб до средината на вториот дел веќе ја обезбеди победата со доминантна игра. Последните десет минути ги обележа голем инцидент и мешаница на теренот после кој беа исклучени Борна Манци Мичевиќ од Нексе и Жељко Муса од Загреб кои добија црвени картони. Сини картони заработија Сандро Обрановиќ и Саша Баришиќ Јаман.
После инцидентот Загреб без многу проблеми го приведе мечот до победа. Најефикасен беше Иван Чупиќ кој постигна осум гола. Во тимот на Нексе по пет гола постигнаа Јанко Кевиќ и Томислав Северец.
Финалната серија се сели во Нашице каде што Нексе ќе се обиде да се израмни со Загреб и да избори уште еден дуел на теренот на противникот каде што ќе бара изненадување и шампионска титула. Исто така следниот натпревар може да биде последен во серијата доколку победи Загреб.