Екипата на Кил, како последен патник на Ф4 турнирот во Келн, ја комплетираше конечната листа на екипи кои ќе се борат за титулата во најпрестижното европско натпреварување. Ракометарите на Филип Јиха, успеаја да го елиминираат ПСЖ во четвртфиналето и на тој начин си обезбедија место меѓу најдобрите четири екипи, односно им се придружија на Веспрем, Барселона и Келце.
Првиот натпревар меѓу Кил и ПСЖ заврши со нерешен резултат, 30:30, додека на реванш средбата, Кил за нијанса беше подобар со еден гол разлика, 33:32. Двата натпревари ги пропушти големата ракометна звезда, данскиот репрезентативец, Микел Хансен. Искусниот ракометар доби компликација по направената операција на десното колено, односно згрутчување на крвта. Тоа беше причина предвреме да ја заврши последната сезона во дресот на „светците“ бидејќи од следната сезона ќе настапува во богатиот проект на Алборг.
Хансен во ПСЖ настапува од сезона 2012/13, успеа да се израдува на титули со својот тим во Франција, но никако не дојде до единствената титула која му недостасува, а тоа е титулата во Лигата на шампионите. Титула во Лигата на шампионите не освои ни со каталонскиот гигант, Барселона, каде што настапуваше две сезони, 2008/09 и 2009/10.
Тоа значи дека Хансен од почетокот на неговата блескава кариера ниту еднаш не успеал да се израдува на трофеј во Лигата на шампионите. Со репрезентацијата на Данска има освоено голем број на медали на големите натпреварувања и добиено голем број на индивидуални признанија, но едноставно, во Лигата на шампионите нема среќа.
Ф4 во Келн ќе биде реприза од 2015 година, ќе освои ли Барса титула?