Ракометната федерација на Македонија (РФМ), односно првостепената дисциплинска комисија на македонската ракометна куќа, донесе одлука двајцата ракометари на Кичево, Филип Василевски и Стефан Стефановски, да бидат суспендирани на шест месеци од ракометните терени бидејќи на натпреварот против Шампион, кој бил одигран на 8 мај во Автокоманда и кој завршил со резултат, 31:27 за Шампион, двајцата споменати ракометари од Кичево настапиле со други легитимации.
Василевски и Стефановски се казнети според членот 115 од дисциплинскиот правилник на РФМ.
„Играч натпреварувач кој ќе настапи под лажно име или во моментот на регистрација дава лажни податоци или на кој било начин ќе го доведе клубот во заблуда, ракометната организација или друг надлежен орган на РФМ, ќе се казни со забрана за настап од 6 месеци. Ако дисциплинскиот престап од став 1 на овој член го стори тренер или член на екипата, ќе се казни со забрана за настапување од времетраење до 1 година. За обидот на дисциплинскиот престап од став 1 и став 2 на овој член, ќе биде изречена казна“.
Двајцата ракометари на Кичево нема да можат да извршуваат никакви функции во ракометниот спорт до 11 ноември оваа година. Од записникот на натпреварот може да се види дека клубот од Кичево во дуелот со Шампион настапил со 13 ракометари, а Василевски и Стефановски играле со легитимации од други играчи.
Освен Василевски и Стефановски, казна заработи службеното лице на Кичево, Дејан Михајлоски. Дисциплинската комисија на РФМ, Михајлоски го казни со забрана за вршење на сите спортски активности во времетраење од три месеци, почнувајќи од 9 мај, па сѐ до 8 јули, согласно членот 115 од дисциплинскиот правилник на РФМ.
Согласно член 13 од пропозициите за натпреварување, натпреварот помеѓу Шампион и Кичево ќе се регистрира со службен резултат 10:0 за екипата на Шампион и минус 1 (еден) бод од бодовното салдо на Кичево. За оваа екипа, ова е втора казна во тековната сезона. РФМ пред извесен период на тренерот на Кичево, Драган Кузманоски, му изрече забрана за вршење на сите функции во ракометот во Македонија во траење од две години откако на натпреварот против Преспа го нападна судиjата Александар Груевски кој доби удар.
Скандал во Кичево: Тренер удри судија, три црвени картони, камерите снимаа во паркет….
Тензии на двобојот во Ресен – црвен картон, прекин, провокации…(ВИДЕО)