Битола го слави „осмиот играч“ – фан зона за 41 година „Чкембари“ пред европската вечер

Европската вечер во Битола овојпат ќе почне многу пред првиот судиски свиреж. Општина Битола и Еурофарм Пелистер ја отворија фан зоната „ОСМИОТ ИГРАЧ“, посветена на 41 година од постоењето на навивачката група „Чкембари“.

На теренот се седум, но во Битола одамна знаат дека еден играч секогаш е повеќе. „Осмиот“ е на трибините.

Собирот започна во 18 часот на платото пред спортската сала „Боро Чурлевски“, каде европската вечер практично ќе започне уште пред навивачите да влезат во салата. На платото има зелен килим, музика и диџеј, навивачко шминкање, 360° камера, продажба на клупски производи, посебна зона за најмладите, како и храна и пијалаци.

Идејата е сите генерации на навивачи на Пелистер да се соберат на едно место и заедно да го започнат одбројувањето до почетокот на европскиот натпревар.

Посебно изненадување се подготвува во чест на „Чкембари“, навивачката група која веќе 41 година е нераскинлив дел од спортската приказна на Битола и Пелистер. И секако торта за јубилејот.



Фан зоната е замислена како место каде навивачите ќе ја почувствуваат атмосферата уште пред влегувањето во „Боро Чурлевски“, а потоа заедно ќе се преселат на трибините.

Затоа и името не е случајно.
На терен се седум. Осмиот е на трибините.

 

❗❗  Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон… ❗❗