Велјановски даде 11 гола, Шампион ги освои бодовите против Кичево

Ракометарите на Шампион остварија победа во 7 коло од плеј-аутот во Првата лига против составот на Кичево со 31-27, а предводник на победничкиот тим беше Александар Велјановски со 11 гола.

И двата тима во ростерите имаа по 12 ракометари, а гостите беа и без суспендираниот тренер Драган Кузманоски и капитенот Виктор Василевски, па немаа голема ротација.

Шампион во првото полувреме најчесто имаше гол или два предност, а на пауза замина со 13-12. Клучен период за победникот на мечот беше стартот на второто полувреме. Домашниот тим се одлепи на 15-12, потоа водеше со 20-14 и најави дека ќе има лесна завршница.

Но сепак гостите не мислеа така. Беа упорни и на пет минути до крајот намалија на минус еден, 25-24. Сепак не реализраа во продолжение и Шампион се одлепи на 28-24 и до крајот немаше големи промени.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Велјановски со 11 гола, како и Сибиновски и Спирковски кои дадоа по шест, додека кај Кичево се истакнаа Јаковлески и Мирчески со по осум погодоци.