Македонија наскоро може да има нов судиски пар со знакот на ИХФ, што е највисоко ниво бидејќи двојката Виктор Начевски и Даниело Божиновски добија покана од светската ракометна федерација да полагаат за беџот од светско ниво. И двајцата го имаат положено нивото да судат мечеви од ЕХФ, а сега одат чекор погоре.
Комисијата на ИХФ за судии и правила ги номинираше Македонците да бидат дел од кадетското СП што летово ќе се одржи во Македонија. Во Скопје од 30 јули до 10 август ќе дојдат 32 репрезентации, и на тие натпревари Начевски и Божиновски треба да покажат знаење од највисок ранг за да го минат тестот.
И двајцата веќе успешно судат европски натпревари, последниот од квалификациите за СП меѓу Хрватска и Финска одигран во Вараждин. Судеа повеќе европски натпревари, а лани беа дел од младинскиот ЕХФ шампионат во Бугарија каде го судеа финалето, а претходно и во Словенија.
Во моментов само Ѓорѓи Начевски и Славе Николов имаат ИХФ беџ и се единствени македонски судии што може да судат на СП и Олимпијади. Претходно на повеќе СП и Олимпијади судеа и Марјан и Драган Начевски, а на едно младинско СП судеа и Камер Металари и Душко Камишевски.