Ракометната звезда од Данска и член на ПСЖ, Микел Хансен, нема да може да одигра ниту еден натпревар до крајот на сезоната.
Данецот доби компликација по направената операција на десното колено, односно згрутчување на крвта. Тоа беше причина предвреме да ја заврши последната сезона во дресот на „светците“ бидејќи од следната сезона ќе настапува во богатиот проект на Алборг.
Моментално, Хансен не смеее да игра ракомет или да извршува било какви физички активности. Сепак, добра вест е дека рехабилитацијата на левиот бек се одвива во најдобар ред.
Хансен во ПСЖ настапува од сезона 2012/13, успеа да се израдува на титули со својот тим во Франција, но никако не дојде до единствената титула која му недостасува, а тоа е титулата во Лигата на шампионите.
ПСЖ играше финале во 2017 година против Вардар, а Хансен се сеќава и на тоа.
„Поразот од Вардар е уште повеќе болен, бидејќи бевме толку блиску до трофејот во Лигата на шампионите. На крајот направивме некои грешки. Јас направив погрешно додавање до Степанчиќ. Дибиров погоди од контранапад. Да загубите таков меч, со гол во последната секунда што го реализираше Чупиќ, тешко е да се прифати. Кога играте полуфинале или финале, се плаќа секоја грешка“, вели Хансен за „Л’екип“.
Екипата на Раул Гонзалез ќе се сретне со Кил во четвртфиналето на Лигата на шампионите. Првиот натпревар е закажан за утре, 11 мај, со почеток од 20:45 часот, додека реванш натпреварот ќе се одигра во Кил на 19 мај во истиот термин, 20:45 часот.