Македонските претставници Вардар и Еурофарм Пелистер останаа без планираните натпревари оваа сезона во СЕХА лигата, а веројатно оваа регионална лига нема да се игра ниту следната сезона, судејќи според најавите.
Татран Прешов покрај Вардар е една од четирите екипи која учествувала во сите претходни 11 изданија на СЕХА лигата која во овој момент е прекината. Иднината на СЕХА лигата не е сигурна, не се знае кога и како би продолжила бидејќи главен спонзор е рускиот гигант „Газпром“. Во Татран сметаат дека бројот на странци ќе треба да се намали ако во иднина ја нема СЕХА лигата.
„Имаме 11 странци во тимот за оваа сезона. Ако во иднина играме само во најсилната словачка лига и десет натпревари во Лигата на Европа, нема смисла да задржиме толку многу“, изјави Милослав Чмелиар, сопственикот на Татран во изјава за словачкиот „Спорт“.
Според него тешко дека СЕХА лигата ќе продолжи наредната сезона.
„Да бидам искрен не верувам дека следната година ќе се игра СЕХА лигата. Раководството на лигата тешко ќе најде толку силен партнер како Газпром“, смета Чмелиар.