Проблем за Нант – Лазаров отпадна за дуелот со бранителот на трофејот во Лига Европа!

Нант ќе мора без Кире Лазаров да оди во првиот четвртфинален натпревар против Магдебург во рамките Лигата на Европа.

Македонскиот капитен и селектор се повреди на последниот натпревар во Лига Европа против Фуксе Берлин и очигледно таа повреда не е баш од лесен карактер, па Нант ќе мора да биде без Лазаров во важен дел од сезоната.

Засега не е објавено колку Лазаров ќе паузира поради повредата, но не се најде во составот за вечерашниот натпревар. Сигурно дека отсуството на Лазаров ќе биде „удар“ за Нант против актуелниот освојувач на Лигата на Европа.

Нант информираше дека Лазаров и покрај повредата ќе биде во салата и ќе биде еден од двајцата ракометари кои ќе делат автограми и ќе се дружат со навивачите. Натпреварот Нант и Магдебург го играат во терминот од 20:45 часот.