Женската репрезентација на Македонија не успеа да направи сензација во СЦ „Борис Трајковски“ против Норвешка, доживеа пораз од 18:24 во првиот дуел од ЕХФ Евро Купот, но македонската репрезентација резултатски се држеше, посебно во првото полувреме, и покажа дека има напредок во однос на претходните натпревари против Црна Гора и Словенија.
Една од поискусните ракометарки, Моника Јанеска, имаше пофалби зборови за норвешката репрезентација и истакна дека до почетокот на Европското првенство ќе има доволно простор за подобрување на играта.
„Норвешка, сепак е Норвешка, тие се велесила во ракометниот свет. Со кој состав и да дојдат тие се одлични. Мислам дека изигравме максимално и се надевам дека ако продолжиме да играме во овој стил може да дојдеме до изненадување на Европското првенство. Ни недостасува верба во себе, доколку веруваме уште повеќе, ќе имаме подобри резултати. Норвешка, Словенија и Црна Гора, тие секогаш играат и Европско и Светско првенство. Овие натпревари доста ќе ни помогнат и се надевам дека до ноември ќе бидеме доволно подготвени“, изјави Јанеска.
Норвешка останува на првото место на табелата во ЕХФ Евро Купот со десет бода, а Македонија е последна без бодови. Вториот меѓусебен дуел овие две селекции ќе го одиграат в недела од 16:00 часот.