Женската репрезентација на Македонија денес го игра реванш натпреварот против Словенија во рамки на ЕХФ Евро Купот.
Избраничките на Љубомир Савевски на првиот натпревар против Словенија покажаа одлична игра, иако загубија минимално, 29:28.
Една од предводничките во македонската репрезентација, Моника Јанеска е задоволна од досегашните настапи во ЕХФ Евро Купот.
„На натпреварите од ЕХФ Евро Купот гледам како голема можност за вклопување во играта и екипата во новиот систем. Задоволна сум од досегашните настапи, посебно од натпреварот против Словенија во Целје. Одигравме храбро, но и со голема желба против еден силен ривал како што е Словенија. Можеби некои не отпишаа пред време, но нема да застанеме тука“, изјави Јанеска за 24 Ракомет.
Искусната ракометарка смета дека репрезентацијата на Македонија, која е составена од искусни и млади ракометарки, има светла иднина и голем простор за напредок.
„Во денешниот натпревар против Словенија желбата пред домашна публика ќе биде уште поголема. Овој микс од младост и искуство дефинитивно има светла иднина, тоа помладите ракометарки веќе го покажаа на ЕХФ шампионатот во Литванија. Тие имаат од кого да учат, а ние на кого да го пренесеме она што го знаеме. Потенцијалот е тука, треба само работа и голема посветеност“, заврши Јанеска за 24 Ракомет.
Натпреварот меѓу Македонија и Словенија ќе се одигра во СЦ „Борис Трајковски“ , со почеток од 18:30 часот.