Амбициозниот тим на Татабања потврди уште двајца ракометари на Еурофарм Пелистер кои од лето ќе се преселат во Унгарија. После Матео Мараш и Обрадовиќ, потврдено дека Татабања ги враќа Јосип Секељ и Јосип Периќ.
Периќ и Секељ веќе ги дадоа првите изјави за новиот клуб.
„Татабања секогаш била во моето срце, на овој клуб му должам убави спомени и достигнувања. Со нашиот тогашен тим за влакно не се пласиравме во четвртфиналето во Лигата на Европа, испишавме историја со победата над Веспрем. Со гордост можам да кажам дека како жител на Татабања повторно ќе ја чувам мрежата на овој клуб и ќе се бориме заеднички да ги оствариме нашите цели“, изјави Секељ.
Татабања за Јосип Периќ беше прв странски клуб во сезоната 2014/2015.
„Тоа беше многу одамна и немав многу време тука, работите не испаднаа како што треба. Сега се враќам и верувам дека ќе биде многу подобро, сакам да го докажам тоа и на теренот. Татабања и оваа година е силен тим, а наредната мислам дека можеме да бидеме уште подобри, очекувам одлични ракометари да дојдат во клубот“, порача Периќ.