Македонскиот шампион Вардар го ангажираше првото засилување за новата сезона. Станува збор за десниот бек на Хановер, Нејц Цехте.
Цехте е словенечки репрезентативец кој последните четири сезони ги мина во Бундес лигата, а во последните две сезони му е соиграч на Македонецот Филип Кузмановски.
Словенецот беше дел од националниот тим на последното Европско првенство во Унгарија и Словачка, но немаше голема минутажа.
Има 29 години, потекнува од школата на Горење Велење, каде што играше до 2018 година, а оттаму се пресели во бундеслигашот, каде ја делеше минутажата со Хрватот Мартиновиќ.
Оваа сезона има одиграно 22 натпревари во Бундес лигата и во Купот на Германија, и има постигнато 29 погодоци. Најдобра сезона во Германија му беше 2020/21, кога постигна 87 гола.
Вардар оваа сезона има три десни бекови во ростерот – Кевин Њокас, Кунни Моралес и Давид Савревски.