Стојковска: Во Германија добив поинаков поглед на ракометот

Една од најдобрите поединки во македонската репрезентација на дуелот со Словенија беше левиот бек Симона Стојковска. Во поразот со 29-28, таа даде седум гола.

Ракометарката на бундеслигашот Цвикау веќе се одомаќини во Германија, по настапите за македонските Феникс и Металург, како и за ПАОК – шампионот на јужниот сосед.

Битолчанката потврдува дека во Германија се функционира на високо ниво.

„Германија е едно друго ниво, првата година за мене беше се ново. Нов систем општо на функционирање на државата. Професионализмот е на едно повисоко ниво, а самата Бундеслига носи натпревари кои се неизвесни до последен момент. Тоа не беше случај во првенствата каде што играв претходно. Додека бев во Металург веќе однапред во македонското првенство знаевме со кого ќе победиме убедливо, а со кого ќе изгубиме. Не сакам никого да потценам, но тоа беше реалноста. Истата ситуација беше и кога играв кај нашиот јужен сосед, бевме две екипи кои одлучувавме кои ќе биде шампион. Во Германија сега на секој натпревар мора да дадеш 100%, се игра до последна минута, не се откажуваш на полувреме или 40-та минута. Добиваш еден поинаков поглед на ракометот“.

Таа го опиша и начинот на работа во германските клубови.

„Со моето искуство во Германија мислам дека напредував и индивидуално. Тренерот во клубот посебно работи со силните страни на секоја ракометерка. Пример, ако и имаш послаб шут од чекор, а подобар скок шут, ќе се работи на скок штутот за да бидеш уште подобра во тоа, да останеш на половина и во двете“.

Како странец во Германија, таа вели дека е добро прифатена во екипата, но дека таму нема поделба странски и домашни, па играат тие што заслужуваат.

„Во Металург немавме странци во женскиот тим, сите бевме домашни ракометарки. Таму се сретнуваш со ракометарки од други земји, едно интересно искуство и можеш да научиш нешто повеќе. Квалитетот секогаш се гледа, не се знае однапред кој ќе игра, се зависи како тренираш и како ти „лежи“ противникот кој следи. Тоа е работа на тренерот кој прави подготовка и анализа за секој натпревар. Таква е ситуацијата во мојот клуб, можеби има други клубови каде работите се поинаку“.

Стојковска го поздравува новиот начин на работа со младите категории во женскиот ракомет во Македонија.

„Некои работи јас таму ги правев првпат на 23-24 години, а ако некој тие работи тука ми ги објаснел на ист начин за времето на мојот развој како играч сигурно дека не би било исто. Сега добро се работи со академиите и кадетките, се повеќе се вложува во младите, затоа доаѓа и успехот како освојувањето на ЕХФ шампионатот. Можеби ако така се работеше и со мојата генерација ќе сме оделе во една друга насока како играчи“.