Македонската репрезентација ја очекува двомечот со Словенија во ЕХФ Евро Купот, а сениорките под водство на селекторот Љубомир Савевски ги почнаа подготовките.
Составот, исто како и претходно против Црна Гора, е микс на ракометарки кои играат во странство и ракометарки од домашното првенство.
„Имаме микс на ракометарки од странство и ракометарки кои играат во домашното првенство. Секако дека кај ракометарките од домашното првенство е присутен проблемот и со физичка спремност и на квалитетот со натпреварите што ги играат тука. Ќе видиме како ќе изгледа, во глава веќе ми се појавува тимот“, вели Савевски.
Словенија е сериозен противник, а ќе играат тие што ќе заслужат.
„Во ситуација сме кога немаме многу можности да експериментираме затоа што имаме сериозен противник и ние стануваме сериозни. Сега имаме и 12 ракометарки кои ни доаѓаат од странство, па не може да даваме шанса на сите – тие што ќе заслужат тие ќе играат. Во подготовките даваме можност да имаме повеќе ракометарки, имавме 21, а би требало да се 16-17. За сите нив тоа е голем бенефит. Има уште неколку ракометарки што играат во странски клубови, а се во комбинација. Имам видеа и анализирам“, изјави Савевски.
Првиот натпревар меѓу Македонија и Словенија се игра во Целје на 3 март од 18:00 часот, додека реваншот е во Скопје на 6 март од 18:30 часот.