Женската сениорска репрезентација на Македонија денеска патува за Словенија, каде што утре го игра првиот натпревар од ЕХФ Евро Купот.
Симона Стојковска која го носи дресот на германски Звицкау зборуваше за своите очекувања од овој двомеч.
„Јас сум со помалку стаж во репрезентацијата, но не и со помалку искуство. Многу пати досега кажавме дека оваа селекција е еден спој на младост и искуство. Овие натпревари со Словенија исто како и претходните со Србија и Црна Гора можат да ни донесат самодоверба, играме за нас, да се воиграме. Не играме за бодови, но нормално секогаш одиме на победа, сепак тоа не е главната цел за овој двомеч. Пред се сакаме да влеземе што подобро во системот кој ни го претставува новиот селектор“.
Времето е кратко, па ќе мора да се искористи секој момент за уште подобро воигрување.
„Тука сме само една недела, секој во клубовите си има различен систем, а тука сите мораме да дадеме 120% од нас за што побрзо во тој краток период да ги искористиме нашите силни страни и да ги вклопиме во една целина“.
Натпреварот против Словенија се игра во Целје со почеток во 18:00 часот.